Во однос на прашањето дали на избори би гласале за „политичарот од кариера“ или „човекот од народот“, 31 отсто од испитаниците одговориле дека би гласале за првиот кандидат, а 42 отсто дека би гласале за вториот кандидат.
Ова е еден од наводите изнесен на денешната презентација на анализата „Човек од народот: Анализа за јавното мислење за политичките барања на граѓаните“, во организација на Претседателскиот центар за политичко образование и Институтот за демократија „Социетас цивилис“.
Како што рече Вљора Речица од Институтот за демократија „Социетас цивилис“, довербата во најважните институции во рамките на политичкиот систем на Македонија, како што се Собранието, Владата, Претседателот и судството, е на ниско ниво.
-Највисока оценка на доверба има Претседателот на државата со 4,4 на скала од 1 до 10, додека најниска оценка на доверба има судството, со средна оценка 2,8. Релативно повисока доверба имаат војската, со оценка 5,6, и црквата со оценка 5,5, а на средината на скалата се здравствените институции и експертите со оценка 5,0. Довербата во медиумите е оценета со 4,0, а ниско ниво на доверба испитаниците имаат и за политичарите (3,2) и политичките партии (3,4) – рече Речица.
Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“, пак, изјави дека многу често граѓаните чувствуваат отуѓеност од политичките елити. Тој посочи дека теориите на заговор се интересна категорија затоа што, според него, се посреден индикатор на тоа колку се чувствуваат граѓаните отуѓени од општеството.
-Високи 72 отсто од испитаниците сметаат дека светот го водат неколку моќни семејства, 65 отсто мислат дека КОВИД-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, 46 отсто веруваат дека климата се контролира со сателити и радари, 44 отсто дека се запишани повеќе мртви од КОВИД-19 бидејќи Министерството за здравство давало пари, 46 отсто дека од авиони се прска вирусот, 29 отсто мислат дека климатските промени се измислица и 57 отсто дека големите медиуми шират лаги – рече Поповиќ.
Инаку, во рамки на ова истражувањето се испитуваше довербата на граѓаните во демократските институции, како и во други чинители во политичкиот живот на државата и општеството, како медиуми, граѓански организации и верски организации.