Виси седницата за доверба на владата

Власта ја разгледува опцијата да не влезе во салата на седницата во четврток, со цел да оневозможи усвојување на дневниот ред, доколку опозицијата нема поддршка од најмалку 61 пратеник, дознава Фокус.

by Фокус

Претставници на големите парламентарни политички партии и од власта и од опозицијата водат интензивни преговори со пратеници од повеќе партии и партиски табори, со цел да соберат што поголема поддршка на свое конто во пресрет на седницата за (не)доверба на владата закажана во четврток во 11 часот.

Како што велат високи партиски извори, ситуацијата е крајно комлицирана и непредвидлива, особено откако Скендер Реџепи-Зејд јавно најави повлекување на поддршката поради Левица, по што неговата Алтернатива деновиве постојано заседава како да се постави во целата ситуација.

Неофицијално, ВМРО-ДПМНЕ води разговори со претставници на дел од партиите што првично застанаа зад иницијативата за ново парламентарно мнозинство, вклучително и со владејачката Беса, која по упорно избегнување на одговорот на прашањето дали тоа што официјално го задржаа Желино може да ги натера да го променат ставот, денес порачаа дека, сепак, ќе поддржат недоверба на владата.

Воедно, од ВМРО-ДПМНЕ, но и од Алијанса за Албанците, тврдат дека преговараат и со пратеници на СДСМ и ДУИ, меѓутоа од двете владејачки партии категорично ги отфрлуваат ваквите тврдења, нарекувајќи ги дезинформации во функција на создавање на притисок врз потписниците на иницијативата во меѓувреме да не се откажат и премислат.

Според информации на Фокус, владејачките СДСМ и ДУИ ја разгледуваат опцијата да се делегитимира целиот процес на опозицијата во старт, на тој начин што спикерот Талат Џафери би му го препуштил претседавањето на собраниската седница за доверба на владата на потпретседателот Фадил Зендели од Беса.

Доколку тоа се случи, како што дознаваме, планот на владејачките партии е воопшто да не влезат во пленарната сала, со цел да се оневозможи и гласањето на дневниот ред на седницата, за што е потребно присуство на мнозинство од вкупниот број на пратеници, односно на 61 пратеник.

Доколку новопромовираното мнозинство нема поддршка од 61 пратеник, како што засега стојат работите, тоа би се видело уште на почеток на седницата, која би прекинала уште пред да почне расправата, бидејќи нема да може да се усвои дневниот ред.

Инаку, Уставот предвидува дека гласањето за доверба на владата е всушност гласање за недоверба, што значи дека во пленарната сала треба да бидат присутни најмалу 61 пратеник, кои на крајот на седницата мораат да гласаат „за“.

В.С.

Поврзани новости