Виси на конец изборот на нови обвинители во Организиран

by fokus

Изборот на нови обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција засега виси на конец, бидејќи на денешната седница на Советот на јавните обвинители не се донесе одлука за распишување на нов оглас, откако на претходниот не беше избран ниту еден од шестмината пријавени кандидати.

Членот на Советот, Коле Штериев, истакна дека во ова обвинителство, од страна на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески биле упатени на работа две обвинителки, без за тоа Советот да бил информиран, па затоа побара уште еднаш да размислат колку всушност обвинители му недостасуваат на ова обвинителство.

Како што појаснуваат од Обвинителството за „Фокус“, пак, станува збор за обвинителките Маја Конеска и Милица Гаврилова кои досега имаа мандат во ова обвинителство, но истиот не им беше предложен на последниот оглас. Поради големиот број на предмети, односно за да не трпи работата до новиот избор, пак, истите се упатени да останат во Обвинителството до наредната година. Исто така до крајот на декември во ова обвинителство останува и обвинителката Елизабета Јосифовска, која потоа ќе мора да се врати во гостиварското обвинителство.

Членот на Советот Иџет Мемети искоментира дека во Организиран веќе работеле доволно обвинители, десет на број, па затоа и тој побара да се види колку и дали се потребни уште обвинители.

Претседателот на Советот Антонио Јолевски истакна дека сега и новиот шеф Ислам Абази ќе треба да се произнесе за менаџирањето на тимот, додавајќи дека можеби е потребна реорганизација, бидејќи во Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања имало тројца обвинители кои имале за работа многу помалку предмети за разлика од другите обвинители.

– Да се види колку обвинители би требало да се пополнат во тоа обвинителство. Дали ќе биде со четири, пет или помалку, тоа е сепак работа на оној, кој ќе треба да менаџира. Ние ценејќи ги извештаите, утврдивме дека, прво полицискиот оддел работи многу малку. Има околу 90 предмети годишно, а тројца обвинители се. Затоа и ги спомнавме, бидејќи во други обвинителства, сам обвинител работи по бројни предмети во споредба со организиран. Треба да се изменаџира, да видиме дали е до тоа или треба плус обвинители. Сепак, тие имаат специфични, тешки предмети. Таму може еден предмет да вреди колку педесетина други, изјави Јолевски.

На последниот конкурс, поддршката на членовите не ја добија пријавените кандидати: Арсим Адеми, Милица Гаврилова, Маја Коневска, Верица Беджетска Крстева, Елизабета Јосифовска и Златко Биковски.

В.В.

Поврзани новости