Вишиот суд во Нови Сад пак го спаси екс министерот Горан Весиќ од притвор

by Fokus

Вишиот суд во Нови Сад го одби предлогот на Вишото јавно обвинителство за одредување притвор на поранешниот министер за транспорт, градежништво и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ.

Според соопштението на судот, мерката притвор била прекината уште на 27 ноември 2024 година поради недостиг на основано сомнение за кривичното дело наведено во обвинението. Дополнително, во новиот предлог на обвинителството не биле презентирани нови докази или факти што би ја оправдале потребата за притвор.

Претходно, Апелациониот суд во Нови Сад го укина решението на Вишиот суд за одбивање на притворот, уважувајќи ја жалбата на обвинителството и враќајќи го случајот за повторно разгледување.

Обвинението поднесено на 30 декември 2024 година опфаќа 13 лица, меѓу кои и Весиќ, како и поранешната директорка на „Инфраструктура железници на Србија,“ Јелена Танасковиќ. Тие се обвинети за трагичниот инцидент со падот на настрешница на железничката станица во Нови Сад, каде што загинаа 15 лица.

Иако обвинителството инсистира на притвор, судот останува на став дека нема доволно основа за таква мерка во овој момент од постапката.

Поврзани новости