Изречените казни се благи и нема да бидат исполнети целите на казнување. Судот ги преценил олеснителните околности и недоволно ги земал во предвид отежнителните околности. Предлагам Апелацискиот суд да ги преиначи и да им одреди повисоки казни, побара јавниот обвинител Дилавер Бектеши, образложувајќи ја жалбата пред Апелацискиот суд на ЈО за случајот „Рекет“.
Обвинителството, исто така, побара да се одбијат како неосновани жалбите на двете одбрани и да се уважат жалбите на Јавното обвинителство за висината на казните.
– Неосновани се жалбените наводи на двете одбрани. Сметам дека фактичката состојба е правилно утврдена со изведените материјални и вербални докази, изјави обвинителот Бектеши.
Неосновани се жалбените наводи, нагласи Обвинителот, дека не било извршено вештачење на мобилните телефони, од причина што на главна расправа се изведени извештаи за форензичко и компјутерско вештачење од вработени во одделот за криминална форензика во МВР.
– Сведокот Јордан Камчев е повикан на јавна расправа и бил сослушан, со што е неоснована жалбата за нееднаквост на оружјата, рече обвинителот Бектеши.
Судот, рече тој, правилно поклонил верба во исказот на сведокот Мирјана Бошкова, дека од сметките на Камчеви ги повлекла парите, од причина што таа е личен сметководител на Камчеви и имала полномошно да го направи тоа.
– Неосновани се тврдењата дека пресудата се заснова на докази и снимки прибавени на незаконит начин, од причина што ваквата одлука на судот е насочена кон заштита на јавниот интерес и дотолку што за тоа судот има воспоставено ваква пракса, изјави обвинителот Бектеши.
Основниот кривичен суд Скопје за случајот Рекет им изрече казни затвор од девет години на обвинетиот Бојан Јовановски за „перење пари и други приноси од казниво дело” и седум години казна затвор на обвинетата Катица Јанева за „примање награда за противзаконито влијание“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.