Актерот Висар Вишка по вторпат стана татко. Тој објави фотографија од партнерката и новородената ќерка Хана, со зборовите дека тоа се девојките на неговиот живот. Хана се родила во Белград, а кога е приватниот живот во прашање, Висар секогаш се трудел да ја чува интимата подалеку од очите на јавноста.
Така, за неговата партнерка, од која има објавено неколку фотографии во минатото, јавноста не знае речиси ништо. Останува непознато нејзиното име, потекло, професија…
Малата Хана е второ дете на актерот, кој од првиот брак со водителката Елена Митева го има осум-годишниот син Дион.
И за бракот со Митева, кој траеше од 2012 година до 2017, ретко откриваше детали.
Веста дека се разведени ја потврди за медиумите во 2018 година, појаснувајќи дека не се заедно цела година, но останале пријатели, бидејќи среќата и насмевката на синот им биле најважни.
-Не сме заедно веќе една година, но тивко, без кревање на врева, како што и си го држевме приватниот живот само за нас, беше неговата единствена изјава по повод разделбата со сопругата, дадена за медиумите.
Инаку, професионално, Вишка работи во МНТ Скопје, а зад себе има низа на значајни интернационални филмски улоги, односно глуми во голем број на балкански и европски телевизиски и филмски проекти.
Во 2018 година беше советник на тогашниот министер за култура, Асаф Адеми од Беса. Во 2019 година беше назначен за в.д. директор на гостиварскиот театар, а лани објави видео во кое појаснува дека бил разрешен од функцијата бидејќи барал тоалети и вода во театарот, каде немало ниту греење.
Вики Клинчарова