Висар Фида, директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, реагира во однос на тексот на Фокус во врска со странската компанија Супорт Солушнс, која се јавува како донатор на изборната кампања на ДУИ на изминативе парламентарни избори, а во неа од недамна се вработил неговиот брат. Директорот на Агенцијата и поранешен министер за привлекување на странски инвестиции тврди дека нема никаква врска со доаѓањето на оваа странска компанија во земјава, ниту со нејзината донација за партијата, ниту, пак, со вработувањето на неговиот брат.
-Ова друштво не е корисник на државна помош во смисла на Законот за технолошките индустриски развојни зони, па притоа не може да постои никаков конфликт на интереси. Следствено, немам можност на било кој начин да влијаам на одлуките кои ги носи самото друштво за вработување на лица и донирање, со оглед на фактот дека се работи за приватно друштво кое не користи државна помош која се доделува од Владата согласно споменатиот Закон, односно плаќа даноци, придонеси и плати исто како и сите други компании во РМ. За да се стане корисник на ТИРЗ/државна помош, потребно е да се достави писмо за намери со прилог – деловен план до надлежните органи за странски инвестиции, кои овој деловен план го доставуваат со предлог за доделување на државна помош до Владата на одлучување за тоа дали ќе се додели државна помош или не. Истовремено, за ова се нотифицира и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Значи, самиот директор на Агенцијата не ни може самостојно да додели државна помош на било кое друштво – објаснува Фида, кој воедно ги отфрла наводите дека имало сомнителни наплати на државна помош во времето кога директорувал со Агенцијата.
Неговиот брат Аритон Фида, пак, истакнува оти неговото неодамнешно вработување во оваа компанија, откако заминува од Фондот за здравствено и инвалидско осигурување, нема никаква поврзаност неговиот брат, со оглед дека се работи за приватна компанија, која, според него, ги применува највисоките принципи на општествена одговорност во деловниот свет. Тој посочува оти компанијата го избрала по пат на оглас и повеќе интервјуа, откако претходно приложил бизнис план, кој, нагласува тој, има обврска да го исполни.
В.С.