Работници во неколку штипски конфекции, двајца наставници од училиштата „Гоце Делчев“ и „Димитар Влахов“ се позитивни на корона вирусот, со што од денеска во изолација се 45 ученици од вторите одделенија во овие две училишта.
Вршителот на должност градоначалник на Општина Штип, Јане Миланов вели дека вирусот се шири и меѓу вработени во државните и локалните институции, а според информациите на епидемиолозите на Центарот за јавно здравје пациентите се сомневаат дека се заразиле надвор од работното место, при семејни или пријателски контакти. Поради поголем број на заразени, но и во изолација општините почнаа и да работат во две смени. Миланов вели дека засега немаат проблеми при тековното работење на општинската администрација.
Портпаролот на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска информира дека во изминатото деноноќие на Инфективното одделение починале тројца пациенти, а најмладиот е 38 годишен жител на Виница. На ова одделение денеска се лекуваат 45 пациенти, од кои 20 на кислородна поддршка, а на Кожното одделение се сместени седум пациенти.