Девет нови случаи на Ковид 19 се регистрирани во Велес во изминатите 24 часа, информира Центар за јавно здравје – Велес. Исто така, во изминатото деноноќие починал пациент на 73-годишна возраст од градот, позитивен на вирусот.
Алармантното зголемување на заболени од корона вирус изминативе денови ги вознемири велешани. Во градот се актуелни обвинувања на сметка на локалната власт, бидејќи, како што тврдат велешани, не се превзеле мерки за заштита на вработените во позната конфекција, од каде повеќе лица се позитивни на вирусот.
Сепак, велешкиот градоначалник Аце Коцевски, во изјава за ,,Фокус” смирува и тврди дека состојбата не е алармантна.
-Секако дека сум загрижен, но според изјавите на министерот и директорите на јавните здравствени установи во Велес, состојбата не е алармантна, бидејќи вирусот се шири во кругот на семејствата на позитивните. Велес е типичен пример дека не треба нагло да се олабавуваме, дека постепено, чекор по чекор, треба да се оди кон укинување на забраните. И дека треба да се почитуваат препораките на здравствените власти за држење на растојание и користење на заштитни маски и средства за дезинфекција – вели Коцевски.
Околу обвинувањата од страна на граѓаните, на сметка на сопственикот на конфекцијата, каде се регистрирани повеќе позитивни лица, градоначалникот информира дека конфекцијата е затворена.
-Во саботата сопственикот сам затворил. Работеле само 15 од вработените, воглавно од администрацијата – изјави тој.
Бројката на заболени лица од Ковид 19 во Велес изнесува 96. Од нив излечени се 49 лица, има 43 активни случаеви, а четири лица досега починаа. Според ЦЈЗ Велес, во изминатото деноноќие се земени примероци од 29 лица од страна на Центарот. Извршена била епидемиолошка анкета на заболените и нивните контакти, и за истите било побарано Решение за 14-дневна изолација.
Вики Клинчарова