Во последните неколку седмици во земјава се бележат трицифрени бројки на заразени од Ковид-19. И покрај мерките за носење маска и држење дистанца, како и воведените протоколи, епидемијата не стивнува. Здравствените власти порачуваат дека нема оправдување за неносење маска и постојано апелираат да се почитуваат сите мерки за заштита.
Во меѓувреме, по неколкумесечен прекин поради корона кризата, повторно се става во функцијата електронскиот систем МојТермин. Министерството за здравство соопшти дека преку МојТермин веќе може да се закажуваат прегледи и интервенции во септември.
– Согласно изготвениот план за работа, а во соработка со Управата за електронско здравство, ќе бидат повикувани пациентите чии прегледи беа откажани изминатиот период. Исто така, сите елективни хируршки програми, кои беа претходно одложени поради состојбата со пандемијата од Ковид-19, ќе бидат реализирани согласно изготвените планови и протоколи на стручните колегиуми, информираат од Министерството.