Дури 27 лица вчера починаа од последици на корона вирус во земјава, од кои само во Куманово тројца пациенти ја изгубија битката. Во општината активни се 708 случаи, но кога е фолк музиката во прашање, очигледно дека големиот број на инфицирани лица, на кумановчани не им е пречка за да се забавуваат на фестивалот за шегобијни песни.
Настанот насловен како ,,Тумба фест 2021” ќе се одржи вечерва на градскиот плоштад, со почеток од 20 часот, а најавено е учество на многу фолк пејачи – Благица Павловска, Нино Величковски, Ирена Спасовска, Зуица Лазова, Елена Јовческа, Сања Ристеска, Ванчо Тарабунов, Анета Молика, Влатко Алексовски и други.
Од организацијата на фестивалот на новосоздадената македонска шегобијна песна информираат дека ќе биде организиран според сите протоколи за заштита од вирусот, како и дека задолжителна е потврда за вакцинација.
Покрај ,,Тумба фест” изминативе денови во Куманово се одржа и вториот Меѓународен фолклорен фестивал Куманово, организиран од страна на МКЦ ,,Козјак” и КУД ,,Панче Пешев”-Куманово, во соработка со Фондација за култура и спорт Куманово, а под покровителство на Градоначалникот и Советот на општина Куманово и Министерството за култура на РСМ. Истиот имаше три вечери, и настапија ансамбли од Србија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија…
Според владините мерки за заштита од вирусот, за културен настан, односно концерт, задолжително е поседување, приложување и проверка на сертификат/потврда за извршена вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина против Ковид – 19 или сертификат/потврда за прележан Ковид – 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.
Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа, присуство и учество и на секаков вид на настан на отворен простор. Според мерките, лицата помлади од 18 години можат да присуствуваат на настаните и покрај тоа што не се вакцинирани. Токму поради тоа, но и поради дозволата на настани да присуствуваат лица кои примиле само прва доза од вакцината, реагираа и голем број на епидемиолози од земјава, според кои се работи за пропуст во донесените мерки.
Одржувањето на културно-забавни настани и музички концерти не само во Куманово, туку и во многу други општини во земјава продолжува, и покрај алармантните бројки на починати и инфицирани од вирусот. Во изминативе седум дена дури 135 лица од земјава починаа од последици на Ковид-19, а 17 од починатите се од Куманово.
Вики Клинчарова