Под диктат на кукловодите и „стратешките партнери и oсведочени пријатели“ Вујко Сем и Вавилонската блудница, ја армасаа момата Македонија, а потоа и ја прекрстија. Со т.н. „Француски предлог“ ја редефинираа и Дарвиновата теорија за еволуцијата, според која човекот постанал од мајмун, само Македонецот од Бугарин
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Реторичко прашање: каде оди оваа неуредена држава, еуфемистички наречена „Нашата земја“? Истовремено и одговор: во ПМ! Неуредена како преоден стадиум кон унередена. Виран-држава, тотално разнебитена и упропастена.
„Нашата земја“ како синоним за ентитет со променлив облик и име. Разнебитена виран-држава со дунстер сајбии, кои прават мајмунлаци. Компаратив и суперлатив за „банана“-држава, во која сите политики се воздигнуваат до ниво на апсурд.
Во тридеценискиот период на самостојност добиена на тацна, партиите на статус-квото, родоотстапниците СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и нивната константа ДУИ направија „дупка во вода“.
Под диктат на кукловодите и „стратешките партнери и oсведочени пријатели“ Вујко Сем и Вавилонската блудница, ја армасаа момата Македонија, а потоа и ја прекрстија.
Со т.н. „Француски предлог“ ја редефинираа и Дарвиновата теорија за еволуцијата, според која човекот постанал од мајмун, само Македонецот од Бугарин.
ВЕРА ЗА ВЕЧЕРА
Изнедрениот од „Шарената револуција“ премиер, ентузијастички предложи new deal бум на економијата со легализација на марихуаната и нејзино консумирање во кафулињата во туристичките места.
Не се декриминализира сѐ уште, но се легализира производството на масло за медицински потреби, за што веќе има околу осумдесет фирми.
Не се случи „колумбизација“, но виран-човеците од власта продаваат вера за вечера со вметнување во менито на токсинот „бугаризација“, като добавка во Преамбулата на Уставот.
Вообразуваат дека со умилкување и ибрикчиство, „братята“ ќе се смилуваат и од „макерета“ ќе прават „Европејци“ и Македонци од „неосъзнати Българи“.
Министерството за образование и наука издаде учебник по историја и општество, кој нема врска со предметот и материјата. Содржината опфаќа теми за пријателството, другарството, непотизмот, емпатијата.
„Общата история“ ще ја пише България! На този номер, развълнуваният Бай Ганъо внушава: „Макерета, всичко ще бъде наред и отзад и отпрет, просто продължавайте да вървите с петите напред“.
Менталната окупираност со фиксацијата по секоја цена да се почнат преговорите со ЕУ, го одзема здравиот разум, па со години статус-кво партиите ветуваат, даваат лажни надежи, сејат магла и прават самоубиствени отстапки. Идеален рецепт за купување време за задржување на власта и продолжување на грабежот.
„Нашата земја“ живее во постидеолошко и збунето време. Затоа, нормална ненормалност е македонската навигација да се обидува да ги поништи резултатите од конкурсот за контролори на летање, бидејќи меѓу избраните не биле „наши деца“ на раководството и од блиски на функционери од ДУИ.
Забегана нормалност е и огранокот на СДСМ во Арачиново да ги повикува да се јават во локалниот штаб на партиското седиште сите што се пријавиле на конкурсот за професионални војници.
ДЕПРЕСИВНА САМОИЗМАМА
Доколку слепата Јустиција прогледаше, тоа чудо мораше да се случи по изборот на „македонскиот Елиот Нес“, кој ќе ја предводи борбата против организираниот криминал и корупција.
Се гласаше на ќораво за партиското протеже, Исљам Абази, индивидуа без слика и прилика, без биографија и програма, од што дури и амбасадата на Кале се саштиса.
Големото деградирање на безбедносниот систем продолжува. Берзата на понуда и побарувачка ја отвори МВР со издадените 215 пасоши на белосветски кримоси.
Ја продолжи Агенцијата за национална безбедност со издавање државјанство на тајкунот и веројатно разузнавач Олександар Онишченко, со меѓународна потерница и на црната листа на САД.
Џандарската експликација на директорот Виктор Димовски е во функција на избегнување на личната, но и одговорноста на владата, која, иако знаела дека не смеел да добие државјанство, одлучила позитивно. Доказ и показ за виран-држава и гнилиот безбедносен систем, инфициран од бескрупулозна корупција со трговија на безбедносни информации и вршење безбедносни проверки.
Децениска депресивна самоизмама на поданиците, кои упорно гласаат за „месијански“ водачи од сортата на Црвенковски, Георгиевски, Груевски и Заев.
Намесникот Ковачевски е посебен случај, без избори седна во премиерска фотелја. Сите се реплики, двојници еден на друг, дрвени кукли-матрјошки, кои мајката ѝ ја расплакаа на прекрстената Македонија.
Непрокопсани ликови креатори на виран „банана“-држава, во која не функционираат моралот, законите и конституцијата, туку сѐ стана проституција!