Виралните општества на спектаклот

by Fokus

Д-р Наташа Сарџоска, социјален антрополог, Институт за антропологија и етнологија, ПМФ, УКИМ

Паноптикон или сеопфатен надзор

Современите општества знаат да се прикажат и како акумулација од спектакли, каде што преку сезнаен надзор, според паноптичкиот модел, односно т.н. паноптикон, или паноптикум, човекот е под постојано набљудување и следење. Моделот на сеопфатна паноптичка контрола преку правосудни, образовни, медиумски, политички и други системи го елаборираат Зигмунт Бауман, Џорџ Орвел, Ноам Чомски и Мишел Фуко. Моделот на идеален затвор е изум на англискиот правник, архитект и филозоф Џереми Бентам; неговиот концепт бил да создаде затвор каде што еден единствен надзорник од централната кула ќе има сеопфатен визуелен пристап, поглед и контрола на затворените субјекти во ќелиите, без притоа тие да знаат дека тој ги надгледува. Овој вид на затвор денеска ја означува метафората на современ надзор во општествата.

Во оваа здравствена, економска и еколошка криза се чини како светот да е недостижен, манипулиран, загонетен, маскиран за човечкото доживување; како луѓето да се меѓусебе разделени и разграничени; како да не можат да гледаат, но како да се сепак набљудувани преку разни кибернетички уреди: од мобилни апликации, преку апликации за анкета и интервју на социјалните медиуми со цел проценка на состојбата со Covid-19, па сѐ до физичко набљудување преку дронови и квадкоптери и вонредна контрола од страна на полициски службеници. Оваа состојба на страв и немоќ е невозможна, непреведлива во стварноста, тегобна и неразумна за современиот слободен човек. Таа не може долгорочно да се произведува на цврста и здрава основа.

Општества на спектаклот

Според Ги Дебор моделот на спектакуларни општества се дели на два вида: едниот се базира на американското општество со доминантната фигура на граѓанин-потрошувач, а другиот се базира на тоталитарните режими засновани на диктатури. Во поново време се јавува и една трансверзална форма на интегрирано спектакуларно општество кое се карактеризира со непрекината технолошка обнова и иновација, државно-економска фузија, општи тајни и доверливи информации, тајност и лажни информации без можност за реплика и неизвесна сегашност. Врз тие столбови ротира спектакуларното општество што произведува тајност околу заштитените економски добра кои ги штитат интересите на вонправниот поредок на државата, или т.н. состојба на исклучок. Тајноста и доверливоста се клучот на економското и политичкото влијание. Оттаму спектаклот црпи свое постоење како форма на доминација врз публиката (во широка смисла на зборот). За Дебор организаторите на спектакли се токму тие експерти, тајни служби, медиуми, тајни здруженија и општества, скриени зад кулисите на екранизираната јавност.

Тајните служби иако имаат улога да го заштитат општеството од непријатели, воспоставувајќи мрежа на надзор и контрола меѓу граѓаните, со цел да го задушат обезличувањето на моќта, всушност ја симболизираат арбитрарноста на моќта. Нивните дела на репресија често излегуваат од рамките на законитоста, затоа што тие го претвораат своето знаење и информации во капитална моќ што ја применуваат врз целото општество.

Улогата на експертите во спектакуларните општества често е насочена кон учество во создавање колективни амнезии, измислици, менаџирање со сегашноста преку наметнување на непроверени изјави, несовладливи статистики, недоследни прогласи, неверојатни објаснувања. Нивната цел е да го збунат граѓанинот. Нивната задача е да наметнат неизвесност (во секоја смисла на зборот), а со тоа да ја дестабилизираат иднината на граѓанинот, да го оддалечат и исклучат од светот, да го оневозможат да изгради прогресивен и реформаторски проект за својот личен и професионален живот. Таа таканаречена дереализација на светот станува всушност фалсификација на светот. Сето ова можеме сега да го засведочиме детално преку структурите и системите на управување со светот за време на пандемијата од Covid-19.

Медиумите го зајакнуваат ефектот на спектакуларното и забавното. Според Дебор, со нивната сврзаност со моќта и власта тие стануваат најдобрите пропагатори на општеството на спектаклот, затоа што ја шират праксата на гласини и политички агенди. Во таков контекст, интелектуалните поединци не се бунтовни, туку бунтовни се толпите со незнаење и ширење на лажни вести и непроверени инвенции.

Четвртата институција на спектакуларните општества се раѓа од самиот спектакл како соучесник (не како ривал) на самата држава. Често во овие мрежи на моќ учествуваат и мафијашки злосторнички здруженија чијашто цел е да се лиши граѓанинот од поседување права, знаење, информации, можности, учество во социјалните ткива и конкурентен пристап до слободниот пазар. Тоа значи дека постигнувањето целосна автономија и извесност е резервирано само за малкумина избраници или творци на тој општествен спектакл. Дебор дури нагласува дека мафијата е совршен модел на окултно злосторничко општествто, како модел на тајно општество, кое во кое и да било кризно или некризно време наоѓа начини за инфилтрација во јавното општество (денеска дури и на легален начин односно начин недофатлив и недостижен за правдата).

Оваа биполарна поделба на општеството на манипулатори и манипулирани се разбира не е далеку од теоријата на заговор, но сепак почива на марксистичката матрица според која концептот на моќ има параноична природа и концептот на тајност може да функционира дури и во демократските општества. Зошто? Затоа што од тајната се ствара извор на производство и ресурс на доминација, а тоа создава речиси манихејска визија на општеството. Преведено во денешни услови, тоа значи дека човечкото суштество е сведено на пасивност и дека без расудување го интегрира како дадено и усвоено токму она што му се пласира како тајно. Иако со доза на недоверба, човекот сепак покорно прифаќа сѐ. Па дури и контрадикторните одлуки на нашите влади кои како да се соучесници во фаталните еколошки кризи и во градењето на дехуманизирани општества на глобално ниво.

Агамбен вели дека животот под законот што важи, но е лишен од значење, наликува на живот во состојба на исклучок, каде што и најневиниот гест или најмалото заборавање може да имаат екстремни последници. Со други зборови, законот е толку повеќе инвазивен колку што му недостасува суштина и содржина; во вонредна состојба контролата на нечиј дом или неоправданото сослушување граѓани од страна на полицијата може да заземат несовладливи и непредвидливи исходи. Таа валидност на законот лишен од полнеж на значење овозможува одржување на чистата форма на законот отаде неговата содржина. А состојбата на исклучок преобразена во закон ја означува потрошеноста на законот односно неговата стерилност и произволност.Bottom of Form

Когнитивна пандемија

Масовните и социјалните медиуми непрекинато пренесуваат застрашувачки предвидувања од виролози, инфектолози, нутриционисти, информации за број на жртви од кризни штабови и говор на омраза кон верските заедници; дебатите дека е оправдано да се отвораат спортски кладилници, но не и културни установи, укажуваат на тоа дека ние сме дел од масовен медиумски спектакл и диктатура на комуникации. Во тој конзумеристички спектакл дозволени се масовни преплавувања на супермаркети, но не и закажување културни настани. Виртуелните продажби направија од човекот роботизиран потрошувач поттикнат од своите базични потреби.

Преминот кон кибернетички форми и онлајн платформи за ширење на виртуелни концерти, театри, музеи, книжевни фестивали, музички рецитали и други форми на уметност го сведуваат уметникот на условен творец кому му е наметната не само суштината и формата, туку и медиумот преку којшто ќе ја пренесе својата уметност, без притоа да му биде надоместен каков и да било приход. Се бележат и бројни хуманитарни настапи на уметници ширум светот токму преку виртуелните платформи. Граѓанинот тоа покорно го прифаќа без да ги истражува логичните расудувања на тие одлуки и непречено ја конзумира уметноста небаре е масовен спектакл за широка потрошувачка и за произволна конзумација. Лишен од јавен и непречен пристап кон слобода на движење и патување, природа, спорт, култура, уметност, иднина и стабилност, а исправен пред граѓански должности и законски дисциплински мерки, изолираниот човек ретко посегнува по смелите изрази на реализација, небаре е шаховска фигура што владејачите ја поместуваат според произволен интерес. Впрочем, тој е веќе уморен и зачмаен од спектакуларизацијата на паниката и стравот и втонат во хомогенизацијата на општествата.

Како заклучок, може да се согледа оваа кризна состојба како инертна, бидејќи никој не покажа жестоко и радикално барање и разумен и сериозен интерес за справување со пост-економската и еколошката криза којашто можеби ќе биде полоша од претходната состојба, како и со итната потреба да се развива и заштитува биосферата во која живееме како творци, но и како гости. Ако навистина здравјето на граѓаните е на прво место, нужно е да се сосредоточи вниманието на спречување на токсичното аерозагадување со канцерогени состојки и на растечкиот пораст на заболени од болести поврзани со еко-загадувањето, со што се смалува и животниот век на луѓето. Борбата за подобро здравје треба да се води доследно почнувајќи со подобрување на услугите и квалитетот на јавното здравство; но и со достоинствена заштита на животната средина и урбана реорганизација на зелените површини како и активно и трансверзално вклучување на ангажираната култура во сите области на општеството. Тие се суштински елементи за човечкото физичко и ментално здравје, сега затекнато и загрозено од сеопшта когнитивна пандемија.

Италијанскиот писател Алесандро Барико во интервју наведе дека на светот денес му се потребни филозофи и антрополози, а не експерти, виролози, надзорници. Ролан Барт говореше за реинвенција на општеството токму преку моќта на уметноста. Извесни англосаксонски социолози сметаат дека во секое претпријатие или јавна институција треба да се вработи уметник или филозоф за мултидисциплинарен производствен тек. Аргентинскиот поет Уго Мухика во интревју наведе дека сега сите човечки суштества разбраа конечно дека ќе умрат, но дека сѐ уште не разбираат колку животот изискува нужна радикалност и сериозност. И покрај сите овие интелектуални напори и повици на глобално ниво за висока свест и за излез и спас од светската здравствена криза, од сето ова што се случува веќе неколку месеци во светот може да се заклучи дека човечкото суштество разумно се прилагодува дури и на крајно неразумни услови на живот.

 

Поврзани новости