Виолета Бошкоска, сопруга на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски е прав мајстор во кујна. За нејзините традиционални македонски специјалитети, со кои ги угостува посетителите во нивната семејна вила Лав во Бале, Хрватска, оние кои имале можност да ги вкусат, имаат само пофални зборови.
Задоволни гости со фотографии од кулинарските вештини на Виолета, и со комплименти во стилот дека вистинскиот мајстор се познава според делата, и оддаваат признание на социјалните мрежи.
Вилата Лав на семејството Бошкоски постои од 1990 година и е познато место во приморското село Бале, во близина на Ровињ, каде се нуди храна приготвена според традиционални домашни рецепти. На менито на ресторан Лав се наоѓаат специјалитети како тавче гравче, македонска тава, домашен леб под вршник, патка под вршник, јагнешко, плескавици, увијачи, риба на жар и друго. Храната се служи во земјани садови, а главна во кујната била Виолета.
Вилата Лав нуди десет соби за сместување, а комплексот е познат и како одлична локација за венчавки. Најчесто венчавките се организирале покрај базен, и една од најкоментираните во јавност беше венчавката на хрватската музичка ѕвезда Северина со нејзиниот избраник Игор Којиќ во 2015 година. Младенците воодушевени од вилата на Бошкоски, но и од кулинарската понуда, се решиле да ја направат свадбената прослава таму, за што известуваа медиумите од регионот.
Познати ѕвезди како Здравко Чолиќ, Аки Ракимовски и многу други биле чести гости во Лав. И тие споделуваа фотографии од вилата, со пофални зборови за готвењето на Виолета.
Љубе и Виолета имаат три деца, Катарина, Панче и Филип. Во времето додека тој беше во затвор, Виолета се грижела за семејниот бизнис и функционирањето на вилата.
Вики Клинчарова