Филмот „Вини Пу: Крв и мед“ („Winnie the Pooh: Blood and Honey”) освои пет награди „Златна малина“, анти-Оскар, од вкупно десет категории, вклучително и за најлош холивудски режисер.
Во тој филм, ликовите од класичното дело на Александар Алан Милн се појавуваат како злобни сериски убијци, а филмот меѓудругото, победи во категориите најлоша кинематографија, најлошо сценарио и најлош режисер.
Критиките не го одвратија режисерот Рис Фрејк-Вотерфилд од понатамошното снимање и тој најави продолжение на филмот и снимање на други хорор филмови со ликови како Бамби и Петар Пан.
Филмот на Силвестер Сталоне „Платеници 4“ („Expend4ables”) освои две награди „Златна малина“, објави Би-Би-Си.
Наградата за најлош актер му припадна на оскаровецот Џон Војт за улогата на ирски мафијаш во филмот „Mercy“.
Меган Фокс годинава освои две награди – едната за најлоша актерка во хорор филмот „Џони и Клајд“, а другата за најлоша споредна женска улога за улогата во четвртиот дел од франшизата „Платеници“.
Сталоне доби Златна малина за најлоша споредна машка улога во тој филм.
Наградите „Златна малина“ за најлошите холивудски филмови во годината се објавени ден пред доделувањето на Оскарите.