Винарската визба „Попова Кула“ со нови гастрономски понуди за хедонистички пристап преку Проектот за локална и регионална конкурентност

by Fokus

Потпроектот „Збогатување на понудата на винарска визба Попова Кула“ има цел да ја збогати туристичката понуда во дестинацијата „Тиквешки регион и околината“ со воведување нови содржини и подобрување на туристичката инфраструктура. Со потпроектот во вкупна вредност од 12.260.000 денари се врши реновирање на собите и други делови во хотелот „Попова Кула“, како и уредување на места за паркинг на велосипеди.

Промоција на автентична понуда

Станушина е стара македонска автохтона сорта грозје која може да се најде единствено во тиквешкиот регион во Северна Македонија. Винарската визба „Попова Кула“ од Демир Капија ја реафирмира Станушина во регионот и ја споделува оваа извонредна сорта вино со целиот свет. Со цел да се поддржи оваа активност, односно да се зголеми целокупната економска активност на винаријата и на туристичката дестинација тиквешки регион и околината, винарската визба „Попова Кула“ аплицираше за финансиска поддршка преку Проектот за локална и регионална конкурентност. Одобрени ѝ се неповратни средства во износ од 6.130.000 денари од ЕУ и Владата на РСМ, а винарската визба вложува уште толку сопствени средства, со што вкупната вредност на потпроектот „Збогатување на понудата на винарска визба Попова Кула“ изнесува 12.260.000 денари.

Во рамки на потпроектот се спроведуваат следниве активности:

  • Реновирање на 11 соби и други делови во хотел Попова Кула;
  • Уредување на паркинг и место за чување велосипеди и друга спортска опрема;
  • Создавање нова понуда, како што се: пазар за земјоделски производи, локално подготвена храна и сувенири во кругот на хотелот;
  • Создавање нова понуда, како што се: фурна, скара и тенда со придружна инфраструктура и опрема за организација на гастрономски и културни настани

Нова понуда за регионалниот, европскиот и за светскиот пазар

„Со самиот факт дека се спроведуват активности за подобрување на квалитетот на понудата и за исполнување на очекувањата на посетителите, како и активности за зголемување на понудата ни дава за право да планираме дека ќе имаме подобра конкурентна позиција која ќе ни овозможи привлекување посетители од приоритетните пазарни сегменти“, вели Јордан Трајков, сопственик на „Попова Кула“.

Домашните туристи на краток одмор имаат подобар комфор, но ќе можат и да останат подолго време во „Попова Кула“ и да научат нови работи од локалната гастрономија и култура и да уживаат во активностите во природа со велосипеди. Обично тоа се луѓе кои имаат канцелариска работа и бараат релаксација и малку поразлични доживувања, велат од винарската визба. Оттаму истакнуваат дека со новата понуда им го овозможуват токму тоа на туристите и дека истите ќе можат да ги привлечат, особено во помалку посетените месеци – октомври, ноември, март и април.

„Новата понуда претставува вистинско ремек дело за организираните големи групи на истражувачи – особено што имаме капацитет за да организираме гастрономски и културни настани за вакви поголеми групи што ја крстосуваат Северна Македонија. Уште повеќе, со оваа нова понуда можеме да креираме нови производи што ќе ги нудиме како на регионалниот балкански пазар, така и на пошироките европски и светски пазари. За ова веќе сме разговарале со партнери тур- оператори, сме ги сондирале нивните размислувања дали можат да продадат ваков производ и врз основа на тие истражувања сме заклучиле дека доколку го оствариме овој потпроект, истиот ќе биде полн погодок“, смета сопственикот Трајков.

Според Трајков, реновирањето на хотелот ќе придонесе да ја подобри својата категорија од 3 на 4 ѕвезди. Тој додава дека овој потпроект е полн погодок и за организираните и за независните активни туристи. Од „Попова Кула“ потенцираат дека интервјуирале нивни многубројни, веќе редовни гости од двата пазарни сегменти и врз основа на тоа го дизајнирале сопствениот план за инвестиции. Таквите гости кај нив остануваат во просек 1,1 ден. Со новата понуда, од винаријата сметаат дека ќе бидат во состојба да ги задржат подолго и да бидат во можност и да ги привлечат во поголем број.

Ефектите од влијанието на развојот на винскиот туризам од „Попова Кула“

Со самиот факт дека „Попова Кула“ има подобрена и побогата понуда, тоа значи збогатување на понудата во Тиквешијата како дестинација, со што станува поконкурентна и поатрактивна.

„Ефектите од влијанието на развојот на винскиот туризам од „Попова Кула“, денес е видлив во дестинацијата. Ние активно нудиме организирање вински тури кај другите винарски визби во Тиквешијата за нашите гости, за што имаме подготвено флаер. Исто така, влијаеме врз развојот на дополнителни содржини во дестинацијата, како што се многубројни пешачки, планинарски и велосипедски тури, каде што поттикнуваме локални жители прво да станат водичи, а потоа ги поврзуваме со заинтересираните туристи. Натаму, ние активно соработуваме со други хотелски капацитети од дестинацијата, кадешто проактивно ги насочуваме гостите кај нив кога сме ние веќе целосно пополнети, што го сметаме за добра деловна политика.

Исто така, келнери и готвачи, врвно обучени од наша страна, веќе работаат во два нови хотелски капацитети и во неколку други ресторани. Остваривме работни средби со локалното население за поттикнување производство на домашни производи и на сувенири и нивна продажба на нашите гости. Спроведуваме активности за насочување на локалните земјоделци за производство на производи што ние ги користиме или сметаме дека можеме да им ги понудиме на туристите“, истакнува Трајков.

Потпроектот „Збогатување на понудата на винарска визба Попова Кула“ е поддржан од Проектот за локална и регионална конкурентост што е водечки проект за развој на туризмот во Република Северна Македонија.

Проектот за локална и регионална конкурентност се финансира од страна на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија. Проектот го администрира Светска Банка и се спроведува од страна на Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев.

Поврзани новости