Вилсон: Мицотакис треба да покаже дека Грција се придржува до своите обврски

by Fokus

Киријакос Мицотакис ќе треба да покаже дека Грција може да се придржува до своите обврски, вклучувајќи ја и поддршката за потенцијалното пристапување на Северна Македонија кон ЕУ, оценува извршниот потпретседател на Атлантскиот совет од Вашингтон, Дејмонд Вилсон во коментар за победата на Нова демократија на предвремените парламентарни избори што се одржаа изминатион викенд.

-Ципрас беше од клучно значење во постигнувањето на Договорот со Северна Македонија со кој беше ставен крај на 27-годишниот спор за името и на земјата и се овозможи да добие покана за придружување кон НАТО. Иако Нова демократија гласаше против договорот за името познат како Преспански договор, Мицотакис навести дека договорот легално обврзува и не покажува знаци дека ќе го промени курсот, истакнува Вилсон.

Според него, Договорот од Преспа повторно ја постави Атина како клучен стратешки партнер на САД  во развојот на заеднички стратегии кон ЈИЕ и Источниот Медитеран.

Тој сепак предупредува дека „Мицотакис ќе треба да покаже дека Грција може да се придржува до своите обврски, како што и самиот кажа“, вклучувајќи ја и поддршката за потенцијалното пристапување на Северна Македонија кон ЕУ.

 

-Ако тоа се случи, Грција ќе продолжи да ја поддржува интеграцијата на Северна Македонија во трансатлантската заедница и ќе остане конструктивен и водечки играч во обликувањето на иднината во регионите на Југоисточна Европа и на Источниот Медитеран, смета Вилсон.

 

Извршниот потпретседател на Атлантскиот совет исто така изразува увереност дека Мицотакис ќе продолжи да ги надградува како што вели „најсилните односи што Соединетите Држави ги имале со Грција во изминатите години“. Вилсон појаснува дека поддршката од САД за време на финансиската криза што според него „се гледа во исклучително блиските односи меѓу Вашингтон и Атина се нешто што се чинело невозможно кога Сириза првпат дошла на власт“.

Поврзани новости