„Јас и Милошевиќ“ е најновиот косовски кинематографски проект кој собра актерска екипа од познати холивудски, европски и косовски актери, меѓу кои Вилијам Болдвин од САД, Жерар Депардје од Франција, Сер Тони Робинсон од Велика Британија, Марија Грацијакучинота од Италија.
Како што пишува „Euronews.al“, во режија и по сценарио на Арбен Кастрати, овој филм се занимава со „создавање на случаен херој“.
Во интервју за Euronews.al, Болдвин рекол дека сценариото за филмот е „прекрасно, моќно, атрактивно, неочекувано, забавно“, како и дека има одлична актерска екипа и исклучително талентирани луѓе.
„Среќен сум што го остваруваме сонот на Арбен. Тој работи на ова со години. Многу ми се допаѓа мојата улога“, изјавил Болдвин.
Тој навел дека е запознаен со настаните на Косово и на Балканот, поради што му е драго што е дел од овој филм.
Ова не е единствениот проект кој во моментот го работи на Балканот.
Имено, Болдвин изјавил дека работи на ТВ-серијата „Јужен ветар“ во Србија и додал дека повторно ќе се врати на Косово за да работи на некои други проекти со Кастрати.
Болдвин рекол дека ќе снима и филм во Македонија.
Филмот „Јас и Милошевиќ“ се очекува во кино салите следната година.