Викторија Лоба ќе ја затвори манифестацијата „Десет дена Крушевска република”

by fokus

Поп пејачката Викторија Лоба ќе ги затвори научно културните средби „Десет дена Крушевска република” со двочасовен концерт на 10-ти август. Нејзиниот настап ќе започне во 20.30 часот и Лоба вели дека конечно и се исполнила желбата да пее во Крушево.

-Одамна имам желба да настапам со концерт во прекрасното Крушево. Среќна сум што желбата ми се исполни оваа година и на 10-ти август ќе ја затворам манифестацијата „Десет дена Крушевска република”. На мојот концерт со љубов ќе се потрудам да и пренесам на публиката букет од убави емоции. За Крушево имам посебно избран репертоар кој изобилува со македонски изворни звуци, а секако ќе ги пеам и моите авторски песни – изјави за „Фокус” пејачката.

Пејачката која по потекло е од Русија, лани доби македонско државјанство. Тогаш ни изјави дека од свои осум години живее во Македонија и како ова е земјата во која што планира да живее, твори и придонесува.

-Од Русија се преселивме во Македонија заедно со мајка ми, која дојде овде поради професионален ангажман. Пред неколку месеци поднесов барање за добивање на државјанство и среќна сум што ми беше одобрено. Драго ми е што по 21 година живот во Македонија, добив и државјанство- ни раскажа тогаш Лоба.

 

Поврзани новости