Викиликс: Милошоски се обидувал да влијае врз извештај на ОДИХР за изборите

by fokus

По вчерашните објавени документи за договорот меѓу Груевски и Ахмети, Викиликс денеска објави нов документ за Македонија. Станува збор за притисок кој тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски го вршел врз ОДИХР за извештајот за изборите во 2008 година.

Според документот, Милошоски и се обратил на тогашната амбасадорка на САД во Македонија, Џилијан Миловановиќ, сугерирајќи извештајот да го прифати позитивниот став на неговата партија.

-По предвремените парламентарни избори на 1 јуни, проследени со насилство и измами, Антонио Милошоски (во тој период министер за надворешни работи н.з.) се обратил до Амбасадорката на САД во Македонија, Џилијан Миловановиќ, со барање да влијае на извештајот на ОДИХР во однос на изборите кој требало да биде објавен подоцна во текот на истиот ден. Конкретно, побарал од амбасадорката да влијае извештајот да го прифати позитивниот став на неговата партија според кој проблеми имало во само 1-2% од избирачките места кои се наоѓаат во еден дел од земјата и дека изборите биле главно слободни и фер. Милошоски сугерирал дека истакнување на проблеми (измама, закани и насилство) во Северозападна Македонија ќе разгори меѓуетничките конфликти, тврдејќи дека позитивниот тон е најдобар за внатрешната стабилност. Додал и дека со истото барање морал да се обрати до шефот на набљудувачката мисија на ОДИХР, амбасадорот Роберт Бери, стои во документот.

Според документот објавен на Викиликс, непријатно изненадена од отворената молба, амбасадорката го информирала дека нема влијание врз независните извештаи на ОДИХР, и дека дури и кога би можела, не би упатила такви барања. Додала и дека нејзините лични забелешки, како и оние на 26-те тимови за мониторинг на Амбасадата забележале сериозни проблеми во многу повеќе од 1 до 2% од избирачките места.

Поврзани новости