Вики Среброва: Плачам кога децата ми даваат пари, тоа ли го заслужив по три децении кариера?

by fokus

Го поминав животот на македонската музичка сцена, оставив во нашите ризници над 80 авторски песни. Сега, на мои 66 години, дочекав да живеам со социјална пензија од 6.000 денари. Се живее ли достоинствено со 6.000 денари, и дали јас ова го заслужив? – прашува фолк пејачката Вики Среброва, жената која повеќе од три децении е присутна на сцената и која во минатото беше една од најангажираните кај нас.

За ,,Фокус” таа вели дека веќе не е на возраст кога може да има редовни настапи во локали, бидејќи времето си го направило своето. На сцената доаѓаат нови имиња, млади пејачки, владеат силиконите и турбо фолк песните, а себе не се пронаоѓала во тој животен стил.

Долг период траела нејзината битка со институциите да докаже дека има 12 години работен стаж, кога била активна нејзината фирма за ракотворби и кожарата, бидејќи, како што вели, сите тие години кога плаќала придонеси се изгубиле во административните лавиринти.

-Од државата немам никаква помош. За истакнати уметници кои биле амбасадори на оваа земја со децении, кои со гордост пееле под македонското знаме, ете не следува ништо, оставена сум со помалку од сто евра месечно.
Се срамам да кажам, но тоа е вистината, не би можела да преживеам без финансиската помош од моите деца. Јас сум мајка на три деца, баба на пет внучиња, зарем тие треба за мене да се грижат? Наместо во овие тешки времиња да си ги гледаат семејствата, мора да мислат и на мене.
Плачам секогаш кога децата ми даваат пари! Ете, до таму сум доведена, оти сите институции се глуви за мене и за мојата состојба.
Барав од Министерството за култура да ме поддржи финансиски, да издадам албум, да направам промоција, но бев одбиена. Нели го заслужив барем тоа? –револтирано прашува Среброва.

Вели дека иако е соочена со тешки предизвици, сепак борбениот дух и останал. Весела по природа, позната како голем другар, таа појаснува дека семејството и пријателите и ја даваат силата да продолжи напред, и покрај сите тешкотии кои ги има.

-Ме држи тоа што се дружам со моите блиски пријатели, што тие не ме оставија во ниту еден момент. Семејството ми ја дава најголемата сила, блиските луѓе се моето богатство. Сите знаат низ што минувам, со што се соочувам… Во ова време, кога цените вртоглаво растат, кога луѓе кои се со многу повисоки примања не знаат како да го поминат месецот, нема потреба да појаснувам како се живее со 6.000 денари.
Моето име беше бренд на сцената, и денес луѓе ме препознаваат на улица, а не знаат дека не само јас, туку и многу мои колеги се соочуваат со слични проблеми.
Како да падна во заборав се што правев во животот, се што и подарив на оваа земја. Песни и песни оставив, концерти, настапи каде со гордост кажував дека доаѓам од Македонија! Зарем не се размислува дека овие луѓе, заслужиле барем некаква државна пензија, достоинствена, како истакнати естрадни уметници?-прашува таа.

Додава дека се надева како оваа искрена исповед нема да биде заборавена за три дена, и дека надлежните од Министерството за култура ќе се заинтересираат за проблемите со кои се соочува таа, но и многу наши музичари кои целиот живот го минале на сцената, а сега се оставени со прениски примања.
Апелира да се изнајде решение за сите оние кои дале свој придонес и оставиле хитови во нашите фолк ризници, да добијат барем некакво признание за својот труд и посветеност, наместо кога веќе ќе дојдат во години, да преживуваат со минимални примања, заборавени од државата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости