Вечерва во Валандово ќе се одржи втората предфестивалска вечер на 37-то издание на реномираниот фестивал на народна музика Валандово Фолк Фест. На сцената на отворено ќе настапат рок бендот Ареа, Игор Џамбазов и Гуру Харе и Кирил Џајковски.
Синоќа пак, на првата предфестивалска вечер свои настапи имаа Драган Мијалковски, Лозано и Перо Христов.
Утре (недела) ќе се одржи натпреварувачката вечер на која ќе бидат премиерно изведени 20 нови фолк композиции.
Фестивалот традиционално го полни Валандово со посетители од целата земја. Новитетот од пред неколку години, да се одржуваат двете предфестивалски вечери со музички гости на отворено, беше дочекан со позитивни реакции и градот овие три дена живее со полна пареа, преполни се угостителските објекти, а денес се одржува и Фестивал на традиционална храна.
-Фолк Фест Валандово е македонска вредност. Ја одржува нашата традиција, создава нови песни и го зајакнува македонскиот идентитет, истакна градоначалникот Перо Костадинов на последната прес конференција по повод манифестацијата.
Вики Клинчарова