Во текот на вчерашниот ден на територијата на државата имало вкупно 62 пожари на отворен простор врз кои дејствуваа локалните противпожарни единици. Од нив 9 останаа активни во текот на ноќта и се уште се активни иако со смален интезитет. Од вкупниот број на пожари на отворен простор 6 се шумски пожари, информираше утрово директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Два од пожарите се во општина Прилеп. Првиот активен пожар е на територија на селото Крушевица, вториот во атарот на село Лопатица. Третиот активен пожар е во општина Демир Хисар, помеѓу селата Растојца и Кочиште. Како активен се води и пожарот во општина Ново Село, во подрачјето на планината Огражден, над селото Сушица, кај место викано „Чардак“. Активен е и пожарот во општина Гевгелија, на територија на селото Кованец. Има еден активен пожар во општина Охрид, на подрачјето на село Сошани – Дебрца. Седмиот пожар е во атарот на селото Теово, помеѓу места викани „Бегова чешма“ и „Плевење“ во општина Чашка. Осмиот пожар е над селото Грушино на територија на општините Сарај и Желино. Во општина Тетово е последниот активен пожар, над село Вешала на Шар Планина.
ЦУК апелира на внимателност при движење на отворен простор, а особено се апелира до сите земјоделци да не ги палат стрништата, а сточарите, пасиштата.
Оттаму потенцираат дека доколку граѓаните забележат пожар, но и други итни ситуации што претставуваат опасност по животот и здравјето како и материјалните и природните добра, да пријават на единствениот број за итни случаи – 112 во ЦУК.