Засега нема препораки и рестриктивни мерки, но викендов или деновиве ќе се знае какви мерки и во која општина ќе треба да се воведат, рече министерот за здравство, Венко Филипче по средбата со Комисијата за заштита од заразни болести по денешната висока бројка на заразени.
-Врз основа на тоа ќе заземеме став дали се потребни некакви мерки кои што би ги препорачале понатаму до Владата. Уште еднаш апелирам до сите граѓани да се почитуваат мерки. Очигледно дека сме пред почеток на една новонастаната есенска ситуација, којашто ја очекувавме. Ќе има дополнителни мерки доколку има зголемен број на заразени. Но, точната анализа на епидемиолошките прашалници ќе ни укаже на тоа која од мерките треба да ја препорачаме и во кој временски период, изјави министерот Филипче.
На прашањето дали се размислува уште неделава да се воведе една од мерките коишто беа најавени, а се однесува на намалување на времето на работа на угостителските објекти или ограничување на бројот на маси, министерот Филипче изјави дека тоа ќе зависи од податоците коишто ќе произлезат од епидемиолошките прашалници.
-Има уште неколку мерки коишто ги најавивме, но сакаме да се точно димензионирани и да ги препорачаме според оние податоци коишто ќе ги добиеме. Денеска и утре, во текот на викендов ќе работиме, па ќе излеземе со соодветни препораки, рече министерот Филипче.
Филипче не исклучува и затворање на градинки и училишта, но вели дека сѐ ќе зависи од епидемиолошката состојба.