Викендов избори во Бугарија, според анкетите ГЕРБ е во водство

by Fokus

Граѓаните на Бугарија кои викендов се подготвуваат за своите четврти избори за помалку од две години се соочуваат со недостиг поради големата инфлација, предизвикана од војната во Украина, поради што многумина сакаат добра влада и стабилност по многуте години политички превирања.

Во прашање е способноста на следната влада да се справи со растечките трошоци на енергијата и да обезбеди снабдување со гас по достапни цени, пренесува Ројтерс.

Меѓутоа, се очекува дека нестабилната изградба на коалицијата ќе се одолговлекува по гласањето на 2 октомври, поради длабоките несогласувања во самата политичка елита околу тоа како да се искорени вкоренетата корупција и неуспехот на малиот број нови партии да изградат одржлива база на гласачи.

Анкета на истражувачкиот центар „Тренд“ пред предвремените парламентарни избори во Бугарија покажува дека во 48. Народно собрание се очекува влез на шест партии и коалиции, а уште две се многу блиску до бариерата од четири отсто.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, се зголемува растојанието помеѓу ГЕРБ-СДС и „Продолжуваме со промената“.

Според анкетата, ГЕРБ-СДС би добила 25,7 отсто од гласачите, а „Продолжуваме со промената“ 16,4 отсто. Истражувањето покажува изненадување што на трето место е „Преродба“ со 13,9 отсто, зад неа е „Движењето за права и слободи“ со 11,9 отсто, Бугарската социјалистичка партија со 8,7 отсто и „Демократска Бугарија“ со 7,6 отсто.

Малку над влезната бариера се „Има таков народ“ на Слави Трифонов 4,4 отсто и „Бугарски подем“ на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев 4,2 отсто. Под прагот за влез во новото Народно собрание се „Исправи се Бугарија“ на поранешната народна правобранителка Маја Манолова – два отсто, а ВМРО-БНД 1,1 отсто.

Анкетата на „Тренд“ е спроведена од 21 до 27 септември меѓу 1.001 полнолетен граѓанин во Бугарија и е нарачана од весникот „24 Часа“.

Поврзани новости