Викендот за миленици во Ист Гејт Мол предизвика бурни реакции: Дали примате само скапи кучиња?

by fokus

Бура од реакции на социјалните мрежи предизвика објавата на страницата на Ист Гејт Мол, каде го најавија таканаречениот Pet friendly weekend, со појаснување дека посетителите во сабота и недела ќе можат да дојдат во трговскиот заедно со својот миленик.
Но, во делот каде се детално појаснети условите, во кои е потенцирано кучето да биде постојано на поводник, сопственикот да носи кеса за измет и влажни марамчиња, објавена е и листа на 15 раси на кучиња за кои ќе биде дозволен влезот.

Померанец, Папилон, Мопс, Шнауцер, Корги… се дел од расите кои можат да влезат во Ист Гејт.

Токму тој дел, со расите за кои е дозволен влез, се најде на мета на критики и обвинувања за дискриминација.

-Дали тоа значи дека примате само кучиња кои се скапи? По кој основ ја составивте оваа листа? – се прашања кои се актуелни по објавата.

По бурните реакции, на Фејсбук страницата на трговскиот е тргнат делот во кој се објавени расите кои се добредојдени и е оневозможено да се остави коментар, но листата се уште стои на официјалната веб страница на Ист Гејт.

,,Фокус” телефонски се обрати во трговскиот, од каде ни беше даден телефонски број на кој можеме да добиеме информации поврзани со викендот за кучиња.

Од таму пак, ни кажаа дека не знаат зошто се потенцирани расите на кучиња, и појаснија дека ова е еден вид на обид да се види дали милениците се доволно едуцирани за да можат и во иднина да доаѓаат во трговскиот заедно со своите сопственици.

-Очигледно се мисли на раси на кучиња кои се со мал раст, не знаеме зошто се наведени расите. Викендот е со цел да се види колку се милениците едуцирани кога доаѓаат на вакво место, тоа е се што можеме да ви кажеме – одговорија од трговскиот.

Влез со миленик за време на викендот бил забранет во Тинекс, во рестораните, како и во одделот за самопослужување на храна и пијалоци.

Вики Клинчарова

Поврзани новости