Во текот на изминатиот продолжен викенд, кога на различни територии на државата важеше различен полициски час, полицијата најмногу прекршувањата забележала на подрачјето на СВР Скопје – 340, каде што имаше 80-часовен карантин, истакна на денешната прес конференција министерот Наќе Чулев.
Тој појасни дека за неносење на заштитна опрема, пак, во периодот од 21 часот во четвртокот до утрово до 5 часот, евидентирани се 1.777 непочитувања, од кои најмногу на подрачјата на СВР Струмица – 417 и на СВР Охрид – 356.
Вкупниот број на прекршувања на мерката за заштитна опрема откако таа стана задолжителна изнесува 8.188.
Министерот рече и дека заедно со пазарниот инспекторат во овој период МВР направила 1.543 контроли во угостителски објекти.
Во овие три и пол дена, МВР издала и 1.648 решенија за изолација, а биле потпишани и 584 изјави за самоизолација.
Чулев рече дека бројките говорат за исклучително голем обем на работа и посветеност на полицајците и затоа ја обвини власта дека ја злоупотребува полицијата за политички поени. Тој топката за одговорност ја префрли кај директорот на БЈБ.
„Да бидам искрен, тешко е една моја замисла, идеја или директива да се спроведе во пракса без да наидам на опструкции внатре во МВР и од страна на Владата. Граѓаните треба да знаат дека во неколку наврати и усно и писмено побарав целосно и неселективно спроведување на одлуките на Владата. Начинот на организација и постапувањето на полициските службеници е исклучителна обврска на директорот на БЈБ кој раководи со оперативниот штаб формиран за оваа намена. Јас како министер имам обврска да ја гарантирам законитоста и неселективноста во постапувањето, но немам ингеренции да ја организирам нивната работа и да давам конкретни задачи. На пример, не можам да кажам кој полициски службеник каде да извршува службени задачи или колку полицајци да покриваат одредено подрачје или регионот“, рече Чулев.