На Европската унија и е потребна нова стратегија за Западен Балкан, нагласуваат од Виенскиот институт за меѓународни економски студии и Фондацијата Бертелсман. Нивното соопштение е пред состанокот в среда во Словенија на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан каде се очекува најава за економски и инвестициски план во вредност од девет милијарди евра, што треба да генерира приватни инвестиции од околу 30 милијарди евра.
-Тоа е оптимистички. Ветениот економски пакет малку ќе промени во економската ситуација на Западен Балкан, изјави заменикот-директор на Виенскиот институт и коавтор на студијата на Фондацијата Бертелсман, Ричард Гривесон.
Тој додаде дека потребни се дополнителни средства и план за екологизација и дигитализација на балканските економии. Студијата покажува дека земјите од регионот економски заостануваат многу зад земјите-членки на ЕУ и дека наследството од војните во поранешна Југославија и понатаму ги оптоварува односите меѓу државите.
Во студијата се посочува дека билатералните економски договори склучени во 2000-те помеѓу земјите од Западен Балкан имаат мал позитивен ефект односно извозот во регионот се зголеми за околу 14 отсто. Последователно учеството во ЦЕФТА, што ги замени билатералните договори во 2007 година, го зголеми извозот во регионот за 38 проценти. Но, иако регионалната интеграција е зголемена, таа нема значително влијание врз економскиот развој.
-Бруто домашниот производ на регионот е се уште многу низок, односно на ниво на БДП на Словачка, истакна Гривесон. Тој додаде дека е зголемен јазот помеѓу новите членки на ЕУ во истокот на Европа, што е загрижувачки, бидејќи посиромашните земји треба да растат побрзо од богатите.
БДП по глава на жител на Западен Балкан е помеѓу 20 и 40 проценти од нивото на Германија, а со тоа и под секое мнозинство од источноевропските членки на ЕУ.