Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска пред новинарите пак се осврна на Северна Македонија и побара од српските функционери да бидат внимателни во изјавите за да не кажат нешто што би можело да биде искористено од страна на други.
– Видов кога Димитар Ковачевски многу силно му реагираше на Албин Курти за она што го направи во Тетово. Многу силно, јавно и отворено и сакам да ги замолам нашите функционери, дури и кога немаат намера, да бидат внимателни, да не им излезе ништо што би можело да биде искористено од страна на некои, за и нас да не направат исти како Курти – рече Вучиќ.
Косовскиот премиер Курти неодамна беше во контроверзна приватна посета на Тетово и на Чаир, за време на која беа игнорирани македонските државни симболи, а во иконографијата се појави и знаме на Голема Албанија.
Курти присуствуваше и на свечено преименување на улицата Втора македонска бригада во Чаир во улица Адем Демачи.