Со иновативен спој на повеќе области на културата, новиот фестивал „Видик“, кој е во организација на „Литература.мк“, отвора нови културни видици. Од 16 мај до 16 јуни, во книжарниците на „Литература.мк“ на улица „Македонија“, во „Дајмонд“, „Ист гејт“ и „Скопје сити мол“, се одржуваат дваесетина настани, кои ги обединуваат литературата, музиката, театарот, дизајнот и филмот, давајќи значајна поддршка на авторите од сите области на културата. Во првите две фестивалски недели се одржаа промоции на книги за возрасни и за деца, музички настапи, театарска изведба, изложба на илустрации и друго. Во исто, темпо продолжува богатата програма на фестивалот за литература и општа култура, кој на публиката ѝ нуди квалитетна содржина и непосреден контакт со најактуелните автори и проекти.
Музичко освежување со „Фамилија Металковци“ и Мухамед Ибрахими
Денеска (29 мај, среда), во 18 часот, во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“, ќе се одржи интерактивниот концерт и работилница за деца со „Фамилија Металковци“. Станува збор за едукативен концерт на музичарите од групата лимени дувачки инструменти во оркестарот на Македонската филхармонија. Преку овој интерактивен проект музичарите ја запознаваат помладата публика со специфичноста и карактерноста на секој од инструментите што припаѓаат на оваа оркестарска група.
На истата локација, в петок (31 мај), во 21 часот, публиката ќе ужива во концертот на гитарскиот виртуоз Мухамед Ибрахими. Го нарекуваат скриен гитарски бисер, а за секој негов концерт секогаш се бара место повеќе. Неговите композиции се автентична мешавина на повеќе музички стилови, како блуз, рок или амбиентален, но длабоко вкоренети во ориенталната (суфи) традиција и балканскиот фолклор. Овие храбри и елегантни комбинации честопати даваат неочекувани резултати среде уникатен и прекрасен звучен пејзаж. Исклучително импресивно за гледање/слушање во живо.
Мухамед Ибрахими го паметиме како гитарист на групата „Бла бла бла“, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработки со различни уметници. За себе вели дека е самоук, дека свири од својата пет година на различни инструменти, но ако треба да избира, би ја одбрал гитарата. Има издадено два албума, „Fly“ во 2014 и „Devotion“ во 2019 година.
Завршна изложба на „Порта Европа“
Издавачката куќа „Арс Ламина“ го заокружува проектот „Порта Европа“ со завршна изложба насловена „Поглед кон Порта Европа“, што ќе кулминира со финален промотивен настан утре, 30 мај (четврток), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“. Водителот на настанот ќе се осврне на две и полгодишното посветено работење на развивањето на книжевната едиција „Порта Европа“, што го придружуваа многубројни активности: поддршка на млади и дизајнери во подем преку организирање конкурс за дизајн на корици за шесте книги од едицијата, промовирање на преводната книжевност со високи уметнички вредности приопштена на македонски јазик, едукативни посети за ученици во основното образование со цел запознавање со еколошките практики во печатењето книги, како и запознавање со старите техники за рачна изработка на хартија и рачно печатење книги и сл.
Следната недела програмата на „Видик“ продолжува со изложба со илустрации од најубавите книги за деца, која ќе биде отворена на 3 јуни (понеделник) во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Ист гејт“. На изложбата, која ќе биде поставена до 16 јуни, посетителите ќе имаат можност да ги погледнат илустрациите од најубавите книги за деца во издание на „Арс Ламина“: „Си беше еднаш“ (Наталија Лукомска), „Нови бајки од Македонија“ (Орце Нинески), „Рокчето“ (Анета Илиевска), „Девојче и мече“ и „Девојчето и градот“ од (Ване Костуранов), „Бајки од Македонија“ (Катерина Николовска), „Мачката Мара шубара“ (Иванка Ниба) и „Шила“ (Калиопи Трпчева).
На 5 јуни, во 20 часот, во книжарницата во „Дајмонд мол“, ќе биде одиграна претставата „Пингвинот“, со Лео Поповиќ во носечката улога. Станува збор за интерактивна експериментална монодрама во која заедно со публиката ќе се потсетуваме на обичните мали моменти за кои вреди да се живее. Претставата, која е во продукција на театарот „Златен Елец“, е работена според авторски текстови на тимот, текстови на Данкан Мекмилан и Џони Донахjу и документарни материјали на Вернер Херцог. Со поврзување на сите овие материјали се става фокус на теми околу менталното здравје и симболично ги поврзува интензивните чувства и со животинскиот свет и пингвините кои се едни од ретките животни кои покажуваат знаци на депресија и суицид.
Следниот ден (6 јуни), во 19 часот, во „Ист гејт мол“ е закажана промоција на серијалот со седум сликовници од младата авторка Маја Мишевска, кои се илустрирани од познатиот илустратор Тхе Мичо. На настанот наречен „Патување по железницата на детските чувства“ ќе бидат претставени книгите „Мравката Тони“, „Бумбарот Боби“, „Гасеницата Кики“, „Бувот Оли“, „Делфинот Дуле“, „Слонот Кире“ и „Коњчето Искра“. Во улога на промоторка ќе биде уредничката Бисера Бендевска. Овие книги нè учат за упорноста, другарството и дружељубивоста, за храброста, љубезноста и фантазијата на најубав можен начин – нежно и со многу љубов.
Театарско патување со „Торонто експрес“
Оваа недела ќе биде заокружена со концерт на една од најстарите блуз-групи во нашата држава, „The Wild Bunch“, што ќе се одржи на 8 јуни (сабота) со почеток во 21 часот во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“. Бендот настапува во состав: Илина Лазаревска (вокал), Нино Недевски (гитара), Марјан Панговски (бас), Петар Лукиќ (клавијатури), Горан Попоски (тапани), Кирил Кузманов (саксофон) и Трајче Велков (труба). „The Wild Bunch“ се еден од првите блуз-состави во Македонија, формирани во март 1996 година. На почетокот, групата е под големо влијание на британската „бела“ блуз-сцена, но со текот на времето и откривањето на делата на старите блуз-мајстори како Роберт Џонсон, Мади Вотерс, Вили Диксон и слични, таа сè повеќе се доближува во својот израз до т.н. „рутс-блуз“. Со изразит авторски печат, обработува ретки теми од блуз музиката. Понеделник (10 јуни) ќе биде резервиран за проекција на документарец и настап на диџеј Дарко Марковски.
На 12 јуни во 20 часот ќе биде одиграна комедијата „Торонто експрес“. Претставата, со Александар Микиќ во главната улога, е работена според мотивите од книгата „Торонто експрес (Тибам штркот)“ на авторот Зоран Спасов-Ѕоф. Книгата „Торонто експрес (Тибам штркот апдејт)“ е документаристичка стрип-проза, „водич за идните печалбари и тазе имигранти“, како што вели самиот автор, или литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Напишана на скопски сленг, книгата нуди една нова форма на битовост, на модерно печалбарство, актуализирајќи го вековниот проблем на иселувањето на нашиот народ на еден автентичен, самосвоен и мошне читлив, ведар и духовит начин. Новите „печалбари“ се академски музичари кои разнесуваат пици, машински инженери – „конобари“ по свадби, ортопеди – стручњаци за гипс-картон… Нивните (не)употребливи дипломи чекаат во куферите зафрлени во подрумите на големите изнајмени куќи во Канада.
Нова поетска книга од Никола Маџиров
На 13 јуни, со почеток во 19 часот, ќе се одржи поетско читање со Никола Маџиров и пријателите, на кое ќе биде претставена најновата збирка во издание на „Арс Ламина“, „Шестарот на времето“, што го содржи целокупното поетско творештво на еден од најпознатите и најпреведуваните македонски поети во светот. Во книгата, која е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, освен трите негови веќе култни поетски збирки без кои тешко може да се замисли поезијата на нашето време („Преместен камен“, „Некаде, никаде“ и „Заклучени во градот“), наградувани дома и во светот, изданието ексклузивно содржи и десет нови песни (досега необјавени во книга), првата песна што ја напишал Маџиров. Книгата е со поговор од Лидија Капушевска Дракулевска и обемен додаток во кој првпат на едно место се објавуваат извадоци од домашната и од светската критика за Маџиров: од десетина македонски автори и истакнати критичари (Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Елизабета Шелева, Венко Андоновски, Гоце Смилевски…), дваесетина светски елитни имиња (Чарлс Симиќ, Адам Загајевски, Каролин Форше, Уљана Волф, Јасухиро Јоцумото, Георги Господинов…), како и извадоци од рецензии објавени во најреномираните весници и списанија во светот („Шпигел“, „Паис“, „Ворлд литаратур тудеј“, „Тотенвил ривју“, Би-би-си…).
Книгата има ретрограден концепт, се почнува од „крајот“ (од денес, сега и овде) и се оди наназад сè до почетокот, всушност до првата песна на Маџиров напишана во 1989 година, која првпат се објавува пред јавноста како уште еден ексклузивитет на ова издание. Поезијата на Маџиров е пеена, музицирана и славена низ светот со најпознати музичари, групи и џез-оркестри од нашето време. Вечерта посветена на Маџиров, која ќе почне со видеопроекции од изведби на негови песни ширум светот, го одбележува објавувањето на целокупното негово поетско творештво, но претставува и едно комплетно „враќање дома“ на неговиот успех расеан насекаде.
„Диши љубов“, концерт на Џијан и пријателите за крај на фестивалот
На 14 јуни (петок), во 21 часот, во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“, ќе се одржи концертот „Диши љубов“. Групата „Шлиц“ (Schlitz), која ја предводи нашиот музички феномен Џијан Емин, ќе ја видиме во една поинаква светлина со сосема нов, автентичен и уникатен проект преку изведба на мешавина од арт рок и џез од мултимедијалниот проект „Диши љубов“, по текст на Тина Иванова и сценско-музичкиот перформанс „Улица“ создаден на текст од Славко Јаневски.
„Диши љубов“ пее за љубовта, за Скопје, зборува за две суштински појави без кои човекот не би можел да опстои – воздухот и љубовта. Музиката и лириката ја поседуваат онаа скопска, носталгична звучна естетика и влече корени од музиката од осумдесеттите и особено од музиката од деведесеттите години на минатиот век создавана во САД и Велика Британија. Покрај Џијан Емин (гитара и вокал), ќе настапат и Драган Гиновски-Гино (гитара), Георги Шарески (гитара), Дарко Мучев-Мучо (бас-гитара) и Гоце Стевковски (тапани). Со овој настан ќе биде затворено првото издание на фестивалот „Видик“.
ПР