Украинскиот претседател Володимир Зеленски му го претстави својот „план за победа“ на британскиот премиер Кир Стармер додека се зголемува притисокот врз Обединетото Кралство да и дозволи на Украина да користи ракети „Олуја сенка“ за да нападне цели во Русија.
Во трипартитните разговори во Даунинг стрит, каде што е седиштето на британскиот премиер, Стармер, украинскиот претседател и генералниот секретар на НАТО Марк Руте разговараа за војната.
Руте рече дека не постои правна пречка за употреба на западно оружје од страна на Украина против цели во Русија, но одлуките мора да ги донесат поединечните држави кои ќе му го дадат тоа оружје на Киев.
„Планот за победа има за цел да создаде соодветни услови за праведен крај на војната. Му благодарам на Обединетото Кралство за континуираната одбранбена поддршка за нашата земја, вклучително и оружје со долг дострел“ рече Зеленски по средбата.
Украинскиот претседател бара дозвола да користи ракети „Олуја сенка“ и друго оружје испорачано од Запад за да ги гаѓа руските воздушни бази и другите воени локации што се користат за гаѓање на украинските градови и инфраструктура.
Руте рече дека на Украинците законски ќе им биде дозволено да го сторат тоа како одговор на руските напади.
„Пред сè, зависи од сојузниците, поединечните сојузници, да одлучат како може да се користи оружјето што го испорачуваат во Украина. Законски тоа е можно бидејќи легално на Украина и е дозволено да го користи своето оружје… доколку тие цели претставуваат закана за Украина“ рече Руте.
Британската влада инсистира дека ракетите „Олуја сенка“ не се клучот за победата на Украина над Русија на Владимир Путин.
„Никогаш не е добиена војна со едно оружје. Дискусиите што ги водат ОК, Украина и меѓународните партнери се за цела низа поддршка за Украина во клучните зимски месеци што претстојат“ изјави портпаролот на британскиот премиер.