(Видео)За шампионите- шампионски пури, Ви благодарам Бојко брат мој, му рече Заев на Борисов

by fokus

Американски пури , благодарност до поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов за постигнувањето на договорот меѓу Македонија и Грција и посвета на наградите што ги доби премиерот Зоран Заев, беа главните пораки кои му ги пренесе Заев на Борисов на нивната средна во седиштето на партијата ГЕРБ, чиј претседател е Борисов.

-Прво за шампионите да дадам едни шампионски од Америка пури, му рече Заев на Борисов и му подаде американски пури.

Борисов во свој стил се пошегува дека пури и коњак прима само бугарскиот претседател, Румен Радев.

-Ви благодарам Бојко брат мој што најдовте време да се видиме, му рече Заев на Борисов, а дел од средбата ја има пренесено на Фејсбук профилот на Борисов, кого го придружува поранешната министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.

-Да не беше Бојко Борисов и неговата влада ние можевме само да сонуваме денеска да зборуваме за прва меѓувладина конференција со ЕУ. Затоа сите награди кои ги добивме ги посветивме на Бојко Борисов. Затоа што тоа што се случи со Грција никогаш немаше да се случи ако претходно не се случеше со Бугарија и ние тоа никогаш нема да го заборавиме, му рече Заев на Борисов објаснувајќи дека првите средби меѓу него и поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас се случиле во Бугарија.

Уште еден куриозитет на средбата е кога македонската делегација влегува во просторијата со маски на лицето, а Борисов ги прашува зошто носат маски. Заев му објаснува дека во Македонија маските се се уште задолжително се носат во затворен простор. -Не знам како е кај вас, му вели Заев на Борисов. – Кај нас нема ковид, му вели Борисов.

Заев денеска заедно со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи е во посета на Софија на средби со претседателот Румен Радев и со премиерот Стефан Јанев.

Борисов пак, како човек кој добро го познава Радев го предупредува Заев дека тој ќе избега од одговорноста.

-Ќе имате многу средби денеска. Јас сум убеден, бидејќи ги познавам луѓето со кои ќе се сретнете денеска, особено за Радев, дека ќе ви кажат дека без парламент не можат ништо да направат. Ќе ја префрлат пак одговорноста, како за набавката на воени авиони, кон парламентот. Сегашната техничка влада ги има сите права и може да преговара со вас. Нов договор, ако нашиот не им се допаѓа. Но, ќе избегаат од одговорност како што секогаш прават. Истовремено ги лажат евроатлантските партнери, дека се за членство на Северна Македонија во ЕУ, кажа Борисoв за време на средбата со Заев.

Бугарските власти уште пред почетокот на средбите порачаа дека нема да отстапат од своите позиции и да дадат зелено светло за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ на јунскиот самит на Унијата.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости