Српскиот јутјуб-канал „Еколошкото востание“ вчера објави аудиоснимка од 2017 година, на која се слуша како српскиот претседател Александар Вучиќ ѝ кажува на новинарката Бранка Ѓукиќ, поранешна директорка на „Танјуг“ и актуелен советник на претседателот, какво прашање да му постави, пренесуваат српските медиуми.
На аудиоснимката објавена на „Јутјуб“ се слуша како Вучиќ во два наврата ѝ кажува на Ѓукиќ да му постави прашање како ги коментира настаните во Македонија и која е неговата порака до граѓаните.
„Како премиер на Србија и како избран претседател на Република Србија секогаш правев сè за да ги одржувам најдобрите односи меѓу Белград и Скопје и меѓу Србија и Македонија. Мислам дека граѓаните на Македонија тоа многу добро го знаат и го почитуваат начинот на кој Република Србија се однесуваше кон граѓаните на Македонија, како и кон државата Македонија“, вели Вучиќ во изјавата
Оваа сниумка од изјава на Вучиќ е дадена за време на нападот во Собранието на 27 април.
„Многу сум загрижен за сите настани вечерва и мојата единствена порака е, и мислам дека народот на Македонија многу добро знае дека тоа доаѓа од нивниот искрен пријател, да побара од нив да ги решат сите проблеми и несогласувања на мирен начин, да, ако имам право, да кажам дека смирувањето на ситуацијата е секако во најдобар интерес и за Македонија и за нејзините граѓани, а сите други работи и сите други проблеми може да се решат на преговарачка маса, на мирен начин, во мирна атмосфера“, вели Вучиќ на снимката.
Според објавената снимка српскиот претседател вели дека случувањата во македонија не се само македонски проблем.
„Ова веќе не е само македонски проблем, туку станува проблем за сите нас што живееме овде и подобро е веднаш да престанеме со сите проблеми и да обезбедиме мир и стабилност за нашите деца. И затоа ги молам сите во Македонија, оние што ми се познајници, а некои се пријатели, но и оние што не ги познавам, само да ја сфатат оваа порака како добронамерна и да направат сè за да се вратат мирот и безбедноста на сите граѓани на Македонија, а во Србија секогаш ќе имате искрен и верен пријател“, вели Вучиќ на снимката.