Еден војник загина, а 23 војници и 25 полицајци се ранети, соопшти министерот за одбрана Владимир Падрино Лопез.
Тој истакна дека војникот бил убиен од прострелна рана во вратот, а на ранетите им била укажана лекарска помош.
Насилните протести избија кога националниот изборен совет го прогласи Николас Мадуро за победник, давајќи му уште еден шестгодишен мандат.
Победа прогласи и опозицискиот ривал на Мадуро, Едмундо Гонзалес. Владата на Венецуела обвини неколку странски актери за мешање во изборниот процес.
Падрино Лопез изјави дека венецуелската опозиција со поддршка на Западот прави обид за државен удар во земјата и дека властите ги повикуваат сите страни на дијалог.
– Се наоѓаме во ситуација на државен удар што го изврши екстремната десница со поддршка на американските империјалисти и нивните сојузници и лакеи. Претседателот Николас Мадуро се обидува да го спречи, заедно со луѓето што го избраа, вооружени со силите и демократските институции – рече министерот.
Инаку, демонстрантите во Венецуела ја урнаа статуата на поранешниот претседател Уго Чавез. Видеото од протестот и уривањето на статуата на Чавез е снимено во државата Фалкон.
Чиле, Перу, Костарика, Уругвај, Гватемала и Аргентина изјавија дека нема да ги признаат резултатите од изборите, додека лидерите на Куба, Хондурас и Боливија ја поздравија победата на актуелниот претседател Мадуро.
Рускиот претседател Владимир Путин му честиташе на Мадуро за изборната победа, додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен јавно изрази сомнеж во изборните резултати.