Една од најголемите електрани во Украина беше уништена во масовен руски ракетен напад. Како што јави украински Интерфакс, повикувајќи се на висок функционер во електроиндустријата, целосно е уништена термоцентралата Трпилска.
Електраната се наоѓа недалеку од Киев, и произведува околу 57% од енергијата потребна за снабдување на регионот Киев со електрична енергија. Рускиот ракетен напад беше извршен рано утринава со проектили и беспилотни летала, а цел на руските сили беше украинската енергетска инфраструктура.
Центренерго, компанијата која управува со термоцентралата, соопшти дека централата е „целосно оневозможена“, додавајќи дека сите работници на смена за време на нападот преживеале.
‼️🇷🇺🚀🇺🇦💥 Another video of the Tripolskaya Power Plant that was hit this morning in the Kiev region. #Ukraine pic.twitter.com/xNgaBqzmxq
— Maimunka News (@MaimunkaNews) April 11, 2024
Трафостаници и други електрани беа оштетени во најмалку пет украински региони, а најмалку 200.000 луѓе во регионот Харков останаа без струја.
Руското Министерство за одбрана објави дека во текот на ноќта руските сили погодиле нафтена, гасна и електро енергетски постројки во „масовни удари“ во Украина. Москва соопшти дека користела оружје со голем дострел и висока прецизност и беспилотни летала во нападите.