Од 20 пожари во последново деноноќие активни се уште 12 пожари. Најсериозно и натаму е во Старо Нагоричане, Кратово, Македонски Брод и Свети Николе каде противпожарните екипи и доброволци, со денови се борат со пламените јазици.
Пожарот кај селото Негрево, кај Пехчево, кој се закануваше да стигне и до градот, и понатаму е активен, а сè уште гори и во општина Старо Нагоричане, кај селата Малотино и Жегљане..
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов апелира до граѓаните претстојниот празничен викенд да бидат внимателни доколку одат во природа.
-Во текот на денешниот ден хеликоптер на МВР, заедно со српски хеликоптер, дејствуваше на територијата на општина Старо Нагоричане, кај селата Малотино и Рамно. Овој пожар се одвива на многу тежок пристапен терен, на поголем дел и целосно непристапен терен. Еден хеликоптер на МВР и тоа МИ-171, односно големиот полициски хеликоптер, со големо ведро, делуваше на теренот на општина Кратово, кај селото Татумир, додека двата армиски хеликоптери, дејствуваа на територија на Пробиштип, кај селото Барбарево, рече Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Според податоците на Ангелов, само во јули месец на територијата на државата имало вкупно 765 пожари на отворено, најголем дел шумски.
Денеска летала на домашните институции, но и на странски држави кои испратиле свои воздухоплови како помош дејствувале на неколку локации, каде според направените проценки било најнеопходно. Меѓународната помош била обезбедена со ЕУ механизмот на цивилна заштита.
Пристигнати биле по еден хеликоптер од Србија и Чешка, а треба да пристигнат, еден хеликоптер од Словенија, два ер трактори од Шведска, 2 ер трактори од Германија и тим од Унгарија, 46 лица со 13 возила меѓу кои и специјални теренски и противпожарни возила.