(Видео) Во Јапонија со денови извлекуваат камионџија од огромна дупка, а денеска се отвори уште една

by Fokus

Спасувачките екипи во Јапонија се обидуваат да извлечат возач на камион од дупка што се појави завчера и оттогаш се прошири, јавува Би-Би-Си. Во градот Јашио во префектурата Саитама, недалеку од главниот град Токио, се појави дупка и проголта камион. Спасувачките напори беа отежнати поради урнатиот пат, а властите наредија евакуација на десетици домаќинства во областа.

Според локалните медиуми, 74-годишниот возач последен пат им одговорил на спасувачите завчера попладне. Иако службите за итни случаи успеале да го извадат товарниот дел од камионот од дупката со големина на базен, кабината на возачот се уште е затрупана во нечистотија и урнатини. Дупката со дијаметар од околу 10 метри и длабока 5 метри првпат се појави завчера наутро на раскрсница на пат. Најверојатно е предизвикана од пукање на подземна канализациона цевка.

Властите соопштија дека отпадните води од оштетената цевка се излеале од дупката, поради што денеска се појавила втора дупка. Снимките покажаа како за време на уривањето се урна електричен столб и знак од ресторан, по што следеше дополнително уривање на патот што ги поврза двете длабнатини во огромен кратер широк 20 метри, што дополнително ја отежна спасувачката операција.

Во дупката има и гасовод, што ги зголеми стравувањата за можно истекување на гас. Властите наредија евакуација на 200 домаќинства во околината. Тие ги повикаа и жителите на градот и околните места да ја намалат потрошувачката на вода.

Поврзани новости