Во најновото издание на подкастот „Бизнис-клуб“ со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески гостин е м-р Виктор Мизо, генерален менаџер на „Костал Македонија“ ДОО Охрид, како и претседател на Советот за странски инвеститори и на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, тела при Стопанската комора, кој зборува за новиот пристап кој е потребен денес за привлекување странски инвеститори во нашата земја. Истовремено зборува и за функционирањето на Советот за странски инвеститори, кој беше формиран во 2006 година на иницијатива на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески за да ги претставува странските инвеститори во Македонија, за да ја промовира и да ја подобри инвестициската клима и за да го зголеми економскиот развој на земјава преку отворен дијалог со владините институции и со другите деловни чинители и преку предлози, најдобри практики и активно иницирање реформи и подобрувања.
Според генералниот менаџер на „Костал Македонија“, германска компанија за производство на делови и на компоненти за автомобилската индустрија, не е потребно само креирање нова стратегија, туку и генерирање нов пристап на размислување за тоа што треба и како треба да се направи за да се привлечат нови странски инвеститори во нашата земја, бидејќи ние сме мала држава, која денес има многу ограничени ресурси.
„Пред 15 години компаниите не беа толку ограничени, иако бевме мала држава; невработеноста е на многу различно ниво отколку што беше тогаш; луѓето се иселуваат, така што апсорпциската моќ за привлекување трудоинтензивни компании веќе не постои и треба да се направи детално мапирање од кои сектори, од кои индустрии и каков вид на компании сакаме да привлечеме. Големата концентрација на автомобилската индустрија не е добра за државата бидејќи автомобилската индустрија од 2019 година е во криза, која ќе продолжи и натаму. Затоа мора да се размислува за тоа како компаниите кои се веќе присутни кај нас да направат промена во своите активности и наместо трудоинтензивни да станат капитално интензивни компании со зголемена додадена вредност и да успеваат со истите ресурси и со помал број луѓе, но со развиена технологија, автоматизација, роботика и дигитализација, што не е лесен процес“, изјави Виктор Мизо.
Во подкастот изнесува податоци за својот личен и професионален живот. Дипломирал и магистрирал на Машинскиот факултет на Институтот за технологија во Рочестер, САД, додека втората магистратура за бизнис и администрација ја стекнал на Бизнис школата на Универзитетот „Харвард“ во Бостон, САД. За Универзитетот „Харвард“ вели дека во него е пресликан американскиот капитализам, каде што практично се учи преку студии на случај од бизнисот.
Професионалната кариера ја започнал како дизајн-инженер на системи на возила со 4 тркала во компанијата „Магна“ во Сиракјуз, САД. Подоцна професионалната кариера и професионалниот развој ги продолжил во компаниите „Џенерал електрик“ во Ири, САД, „Мекензи“, „Трастхеџ“ (Trusthedj) и „Ам онли“. По враќањето во Македонија, каде што решил да го пренесе своето знаење и искуство од САД, работи како генерален директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Скопје, а подоцна и како генерален директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.
Запрашан за градот Охрид од каде што е родум, Мизо изјави дека мора да се работи на промоција на убавините, културата и на историјата на градот Охрид, како и на едукација на луѓето за подигнување на квалитетот на услугите и за подобрување на капацитетите и на инфраструктурата, но не за масовен, туку за елитен туризам за софистицирани гости.
Целиот разговор на линкот.