(Видео) Верижен судир на над 100 возила на автопат во Кина: има повредени

by Fokus

Неколку лица се повредени во Кина, во верижен судар во кој учествувале повеќе од 100 автомобили, јавија денеска кинеските државни медиуми.

Како што се наведува, причината за верижниот судир што се случи на автопатот во кинескиот град Сужоу, во провинцијата Џиангсу на истокот од земјата, е мразот.

Три лица се хоспитализирани поради повреди, а шест лица се здобиле со полесни гребаници, извести сообраќајната полиција, пренесува Ројтерс.

Кинеската државна телевизија CCTV прикажа драматична снимка од несреќата со верижна реакција, со парчиња скршено стакло расфрлани насекаде околу возилото.

Патниот сообраќај е обновен, а полицијата соопшти дека истражува како се случила несреќата.

Големи делови на Кина беа погодени од бран студено време со снежни виулици и замрзнат дожд во последните неколку недели, а кинеската влада прогласи вонредна состојба во тие области оваа недела поради ниските температури, јави агенцијата Синхуа.

Предупредувањето за ниски температури и мраз се уште е во сила во неколку централни и јужни кинески области.

Поврзани новости