Ураганот Берил кој ги погоди Карибите однесе најмалку шест животи. Достигна јачина од четврти степен и се движи кон Јамајка откако претходно буквално разори неколку острови на Кариби.
Скоро секој објект на островот Унион, кој е дел од Сент Винсент и Гренадини, беше срамнет или сериозно оштетен по моќниот ураган.
Во сила е предупредувањето за ураган за Јамајка, како и Кајманските Острови – Гранд Кајман, Малиот Кајман и Кајман Брач.
Ураганот Берил е ослабен, но се прогнозира дека сè уште ќе биде со јачина на ураган кога денеска ќе треба да помине близу или над Јамајка, утре во близина на Кајманските Острови и в петок над мексиканскиот полуостров Јукатан, соопшти американскиот Национален центар за урагани.
Според изјави на жителите, островот е во ужасна состојба и речиси сите објекти се без покриви, патиштата се блокирани и има паднато столбови за струја, пренесува Би-би-си.
Во своето утринско обраќање, премиерот Ралф Гонсалвес рече дека опасниот и разорен ураган оставил зад себе огромно уништување. Тој вети дека ќе дејствува што е можно побрзо за да се справи со долгата листа на приоритети.