(Видео) Украински дронови погодија станбени згради и складишта за муниција во Русија

by Fokus

Во руската област Тамбов, украински беспилотни летала удриле во две станбени згради во Котовск во текот на ноќта, при што биле повредени неколку лица од фрагменти од стакло, изјави вршителот на должноста гувернер Евгениј Первишов.

Според информациите на гувернерот на руската област Белгород, Вјачеслав Гладков, како резултат на падот на делови од соборениот дрон синоќа во селото Мајски, биле искршени прозорците на три приватни куќи, а оштетени се покривите и една доградба.

Нема повредени, додаде Гладков, јави агенцијата РИА Новости.

Руските системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта соборија 85 украински беспилотни летала над руска територија, соопшти руското Министерство за одбрана.

Како што прецизира Министерството, 31 беспилотно летало биле уништени над Црното Море, по 16 над регионот Воронеж и Краснодарската територија, 14 над Азовското Море, четири над Белгородскиот регион, два над Тамбовскиот регион и по еден над Курскиот регион и Крим, пренесува руската агенција.

Воведени се привремени ограничувања на работата на аеродромите во Казан, Нижнекамск и Улјановск за да се обезбеди безбедност на летовите на цивилните авиони, објави руската Федерална агенција за воздушен транспорт.

– Украина во текот на ноќта нападна руско складиште за муниција и извидувачки беспилотни летала користејќи ракета Нептун од домашно производство – изјави извор од Службата за безбедност на Украина (СБУ).

Според изворот, нападот кај селото Чалтир во руската Ростовска област го извршиле припадници на СБУ и на украинската морнарица.

Првично, украинските беспилотни летала наводно ја „прегазиле“ руската противвоздушна одбрана, а набргу потоа проектилот Нептун го погодил местото, вели изворот.

На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа моментот на експлозијата во Ростовската област и чад што се издигнува над населбата.

Украинските сили, наводно, користеле ракети Нептун за да го уништат рускиот систем за воздушна одбрана С-400 Триумф на 14 септември и го потопиле рускиот црноморски брод „Москва“ во април 2022 година.

– Украинските сили нападнаа командно место на руската армија во Свитлодарск во областа Доњецк, кој беше заземен од Русија – соопшти на 10 јануари Генералштабот на вооружените сили на Украина.

Во објава на Фејсбук, војската соопшти дека „успешниот удар“ бил насочен кон Третиот армиски корпус на руската армија.

Свитлодарск се наоѓа на околу 30 километри југоисточно од Бахмут, а руските сили го освоија во мај 2022 година.

Поврзани новости