Украинските граничари вчера од реката Днестар во Виничката област извлекле маж кој се обидел илегално да ја премине границата.
Според информациите, се работи за 35-годишен маж од Харков, кој се обидел да доплива до Молдавија во нуркачко одело со пераи, пишува „Украинска правда“.
„Пливачот кој сакал да го преплива растојанието до брегот на соседната земја бил откриен навреме од граничниот полицаец. За да го спречат прекршокот и несреќата, граничните полицајци употребиле чамец и го извлекле човекот од водата. Пливачот веднаш бил однесен на локацијата каде што му бил даден чај за да се стопли“, велат граничарите.
Тие споделија видео од операцијата на YouTube. На видеото се гледа како чамецот се движи околу човекот во водата. Потоа две лица од чамецот му помагаат да влезе во бродот. Против мажот е составен записник за прекршок поврзан со „незаконско преминување или обид за илегално преминување на државната граница на Украина“.
Предметот е проследен до судот кој ќе одлучува за казната.
Големата истрага на БиБиСи на крајот на минатата година откри дека речиси 20.000 мажи ја напуштиле Украина од почетокот на војната за да избегнат регрутирање.
Други 21.113 мажи се обиделе да побегнат, но биле фатени од украинските власти, потврди Киев. По руската инвазија, на повеќето мажи на возраст меѓу 18 и 60 години им било забрането да излегуваат.