Мајката знаела дека таткото го тепал двегодишното дете кое почина на скопските клиники по 22 дена борба за живот, Обвинителството нема нови осомничени за убиството. Семејството на убиеното дете за „Порталикс“ ја раскажа голготата што ја преживувале.
Обвинителот од Кичево кој ја води истрагата уште не го знае мотивот. Нема одговор ниту на прашањето дали таткото признал вина пред обвинител.
Мајката на двегодишното дете, сведочи дека детето и било донесено заедно со вода за освестување, а потоа ја однела во болница.
„Ми ја донесе, ми рече само малце ја удрив, не ми кажа што и како. Ми наполна вода да ја освестам оти овие сами беа дома (другите деца). Ја освестував, не можев, ја однесов во болница. Ме има и мене удрено, еднаш се изнервирав, го пријавив, три месец и си дојдов ради децата“, вели мајката на двегодишното дете за „Порталикс“.
Семејството има седум деца, а живее на мала раздалеченост од мајката на убиецот, која исто збореше пред камера.
„Ќе го средев, ќе го одлежев. Сопствен син јас ќе го одлежев. Ама за овие децата толку ми е тешко. Ве молам, не можам ни да зборам више. Не можам. Ова е лоша работа за една изгорена мајка“, вели мајката на лицето кое си го уби сопственото дете.
По 22 дена борба за живот, на Клиниката во Скопје почина двегодишното дете од Кичево, кое беше претепано од својот татко.
-Тој се сомничи дека на 18.12.2023 година во семејниот дом во Кичево и нанел тешки телесни повреди на неговата двегодишна ќерка, која била пренесена за укажување лекарска помош во Општата болница во Кичево, а потоа во Клиничкиот центар во Скопје каде, на 08.01.2024 година, починала, информираат од СВР Охрид.