(ВИДЕО) Цела кафеана во Неготино со Јонче Христовски ја пее „Едно име имаме”, објавено старо видео од панаѓурот!

by Fokus

Видео снимка од традиционалната манифестација Неготински панаѓур, снимена во далечната 1991 година од страна на камерманот Сашко Кордов, деновиве се споделува на социјалните мрежи.

Неготинскиот панаѓур е настан кој датира повеќе од сто години и започнува на 21-ви септември, во чест на празникот Мала Богородица, и трае три дена. Во минатото панаѓурот важеше за централно случување во општината и доаѓаа илјадници гости од целата земја, додека пак во изминатите години интересот за него нагло е опаднат.

Манифестацијата има стопански и забавен карактер, во центарот на градот се поставени штандови на кои се продаваат текстилни производи и производи за домаќинство, а истовремено во повеќето кафеани има жива музика во тек на целиот ден и ноќ.

Токму на видеото снимено од Кордов се доловува атмосферата на која неготинци со носталгија се сеќаваат, на преполните локали и на расположените лица, како и на улиците со многубројни тезги и раздвижен народ.

На снимката која трае повеќе од два часа, документиран е настап на легандарниот Јонче Христовски во кафеана, на неговата енергија и харизма на кои гостите не можат да одолеат, па сите во локалот пејат и играат со него.

Пред присутните ги пее неговите големи хитови „Македонско девојче”, „Ај засвирете ми чалгии”, „Ако умрам ил загинам”, „Ој Вардаре македонски”, „И ние сме деца на Македонија”, а песната „Едно име имаме” ја изведува двапати.

Посебно е емотивна втората изведба која на започнува по 50-та минута на видеото кога целата кафеана станува и пее и игра со него.

Во времето кога се одржал настанот Јонче имал 60 години. Почина девет години подоцна, од рак.

Во интервју за „Фокус” неговата ќерка Невена ја раскажа неговата животна приказна, за трагедијата која му се случила во 1959 година кога, неговата сопруга Олга починала на породување, па сам морал да се грижи за ќерките, близначките Олга и Невена.

Раскажа за неговата голема љубов кон песната и кон татковината, за животот исполнет со многу музика, настапи, дружби со колеги, но и за тоа како им бил и татко и мајка и никогаш не дозволил нешто да им недостига.

За љубовта кон Олга, која никогаш не ја преболил и не се преженил, кажа дека тагата си ја лекувал преку песната, тоа бил негов начин да ги искаже емоциите.

Христовски останува запамтен како еден од најголемите боеми на нашата сцена, а неговите песни јавноста ги има прифатено како народни и денес се пејат на забави и собири.

Видеото е прекрасно потсетување на минатите времиња, како и на еден легендарен музичар кој успеваше да ја подигне публиката и никого не го оставаше рамнодушен со своите изведби.

Вики Клинчарова

Поврзани новости