„Жителите на општина Струмица се оставени повеќе дена без пивка вода за пиење, со што здравјето на граѓаните е сериозно загрозено. Во Струмица не може да се користи водата за пиење од градскиот водовод поради неможноста фабриката за вода која што ја поседува општина Струмица да ја прочисти до фаза да биде вода за пиење. Истата вода која што се снабдува од браната Турија во тој регион. Водата може едноставно да се користи како техничка вода“ рече денеска на прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство – Цветан Трипуновски.
Според него, „ова што деновиве се случува е резултат на долгогодишното лошо менаџирање од страна на општината Струмица. Лошото менаџирање во последните неколку години во делот на водоснабдувањето е директна причина за ова што денес се случува. Градоначалникот со неговиот тим требаше многу порано да превенира за да не дојде до оваа ситуација во која што се соочуваат денеска граѓаните на општина Струмица. Костадинов треба да одговори на своите сограѓани зошто до денес не е воопшто инвестирано во нов и подобрување на систем за филтрација на водата, без ниту еден проект или било каква инвестиција со цел ставање во целост на функција на водоводната мрежа во општина Струмица“.
„Ако Костадинов ги имал сите информации, зошто досега не свикал Совет или да имал било каква координација, да формира било какво кризно тело, и да побара помош од другите општини или од Владата. Додека градоначалникот смогне сили да одговори искрено на струмичани каде отидоа парите и зошто денес се соочуваат со немање на пивка вода, ние како Влада го прашуваме што треба да се направи за да ние како Влада излеземе во пресрет на граѓаните и да се реши оваа ситуација во која што се наоѓаат струмичани. Затоа што едно од основните човекови права е да се има пристап до пивка вода до секој еден граѓанин во Република Македонија“ вели Трипуновски.
Порача „се нудиме како Влада да помогнеме се со цел да ги спасиме овие жители кои што ја живеат голготата заради неспособноста на локалната самоуправа, Директорот на Јавното комунално претпријатие и сите оние надлежни локални институции во делот на водоснабдувањето“.