Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на стартот на жетвата се сретна со земјоделците од Пелагонискиот регион во општина Новаци.
– Денес сум во посета на Пелагониско, поточно во општина Новаци, срцето на житницата во Република Македонија, на разговор со земјоделците околу почетокот и текот на откупот на лебното жито, денеска ќе разговараме за сите отворени ситуации коишто се на прагот на жетвата – изјави Трипуновски.
Тој најави дека веќе има закажано средби во наредните денови со повеќе земјоделски здруженија, но и со млинарите и откупувачите на пченица во Република Македонија.
– Јас наредниве денови закажав и низа на состаноци на тема откуп на пченица во Република Македонија, во текот на утрешниот ден имам договори средба со земјоделски здружение од другите делови на Република Македонија, на коишто исто ќе сакам да го слушнам нивното размислување, нивниот став и во четврток веќе имам договорено посебна средба со откупувачите, со млинарите коишто откупуваат пченица, да се обидам да ја сублимирам цела оваа ситуација, да извлечеме што е можно повеќе, денар плус за македонскиот земјоделец, којшто знаеме дека изминативе години претрпе многу штета од лошите политики.
Тој потенцираше дека власта ја преземаат на половина од годината и заради лошите политики и непланското водење на секторот земјоделство веќе е направена одредена штета која што ќе влијае на цената на пченицата за оваа реколта, но исто така и најави дека ќе се преземат сериозни чекори и планирања за идната жетва.
– Oна што сакам да го потенцирам, односно да ветам, дека позитивните политики на Владата предводена од проф. др. Христијан Мицкоски ќе се осетат тек наредната жетва, односно кога оваа година ќе го спремиме теренот и наредната година оние земјоделци коишто навистина произведуваат пченица ќе осетат што значи вистинска грижа за нивното производство – заврши Трипуновски.