(Видео) Трамп повика на враќање на религијата во САД

by Fokus

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на молитвен појадок во хотелот Хилтон во Вашингтон изјави дека „златното доба на Америка“ започнува сега и дека неговото наследство ќе биде мирот.

Тој им кажа на присутните дека е среќен што повторно присуствува на таков собир по „четири долги и мрачни години“.

Трамп истакна дека основата на Америка се три едноставни зборови: „Веруваме во Бога“. Зборуваше за обидот за атентат врз него во Пенсилванија минатата година за време на предизборната кампања, посочувајќи дека настанот „променил нешто во него“ и дека сега има „посилни чувства“ за неговата вера.

„Мора да ја вратиме религијата“ порача Трамп.

– Тоа промени нешто во мене. Се чувствувам многу посилно. Верувам во Бог, но се чувствувам многу посилно поради тоа. Нешто се случи“, рече Трамп.

Зборувајќи за ситуацијата на Блискиот Исток, Трамп ја презеде заслугата за прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас што стапи на сила на 19 јануари. Тој изрази желба неговото најголемо политичко наследство да биде познато по „мирот и единството“.

– Кога ја напуштив Белата куќа, немаше војни, рече Трамп.

Во таа прилика Трамп ги замоли членовите на семејството на израелските заложници во публиката да стојат и им порача дека САД „ги држат во срцата“ и дека како претседател нема да спие додека секој заложник не му биде вратен на семејството. Трамп не ги спомна неговите претходни изјави за американските планови за „преземање“ на Газа. По неговиот говор тој го напушти собирот со аплауз од присутните.

Секој прв четврток во февруари во Вашингтон се одржува познатиот „Молитвен појадок“, еден од најважните политички настани во САД. Целта на собирот е да ги собере на едно место членовите на политичката, социјалната и бизнис елита и да ги поврзе. Од Двајт Ајзенхауер, секој американски претседател учествуваше на овој настан.

Поврзани новости