Трактор-приколка со хинду аџии се преврте и падна во езеро во Индија, при што загинаа најмалку 23 луѓе.
Меѓу нив има и осум деца, соопштија денеска индиските власти.
Официјални лица рекоа дека најмалку девет лица се повредени, од кои некои потешко. Претходно беше соопштено дека во несреќата загинале најмалку 15 лица.
Во приколката имало околу 40 аџии, кои оделе кон реката Ганг, кога тракторот излетал од патот во областа Касгањ во државата Утар Прадеш во северна Индија, пренесува АП.
Првите информации до кои дојде истрагата укажуваат дека тракторот се движел со голема брзина пред возачот да изгуби контрола. Властите во Индија забранија превоз на патници во трактор-приколки, но забраната е нашироко прекршена во руралните делови на Индија.
Во слична несреќа во 2022 година, загинаа 26 лица, исто така во Утар Прадеш.