Најмалку двајца фудбалери и еден од судиските помошници се повредени во серијата инциденти што денеска го одбележаа натпреварот од претпоследното коло во ПМФЛ меѓу Шкендија и Шкупи во Тетово, кој заврши со резултат 0:0.
Хронолошки, инцидентите на дуелот меѓу стариот и новиот шампион започнаа пред градскиот стадион во Тетово.
На видеоматеријал објавен од Телевизија „Шења“ се гледа фудбалер на гостинскиот тим како лежи на земја пред стадионот.
Според неофицијални информации, фудбалерите и стручниот штаб на Шкупи биле нападнати со пиротехнички средства од навивачи на Шкендија.
Инциденти продолжија и на трибините, па по воведените неколку минути, натпреварот привремено беше прекинат, откако домашните навивачи почнаа да фрлаат предмети кон гостинскиот голман.
Доцнеше и стартот на второто полувреме, бидејќи играч на Шкупи од трибините беше погоден со камен во главата.
Тензиите кулминираа во 80-тата минута од натпреварот, кога еден од тројцата судиски помошници беше погоден со камен од трибините, а на спротивниот дел од теренот дојде со масовна физичка пресметка меѓу фудбалери и дел од клупскиот персонал на двете екипи.
По неколкуминутен прекин, натпреварот продолжи.
Претходно, полицијата на излезот од Скопје спречи поголема група навивачи на Шкупи да заминат за Тетово.
Воедно, расистички навреди беа упатени кон Сандеј Адетунџи, најдобриот играч на Шкупи оваа сезона и најдобриот стрелец во лигата.