Околу 1.000 жители на Софија се судрија со полицијата за време на демонстрациите во главниот град на Бугарија против плановите на владата на земјата да го воведе еврото како валута.
Демонстрантите се собраа пред канцеларијата на Европската комисија во Софија и фрлаа црвена боја и петарди врз зградата. Ја запалија влезната врата. Пристигнаа пожарникари, а полицијата ги потисна демонстрантите. Соопштено е дека неколкумина од нив се уапсени, а неколку полицајци се повредени.
Протестот, организиран од проруската националистичка партија Вазраждане, почна претходно денеска пред седиштето на Бугарската народна банка. Демонстрантите побараа оставка од владата и извикуваа „Не за еврото“ и „Да за бугарскиот лев“ – што е валута на Бугарија.
Водачот на „Вазраждан“, Костадин Костадинов рече дека неговата партија бара референдум за да донесе одлука за пристапување во еврозоната.
„Ако нема референдум, ќе ја блокираме работата на Народното собрание“, рече Костадинов, чија партија е трета по големина во парламентот.
Бугарија, која се приклучи на ЕУ во 2007 година, во последниве години беше зафатена од политичка нестабилност. Новата влада, формирана минатиот месец, го наведе членството во еврозоната како клучен приоритет.
Сепак, не се сите убедени дека Бугарија е подготвена да влезе во еврозоната. Некои економисти тврдат дека земјата нема економски услови за влез во еврозоната и се уште не е подготвена да ја усвои единствената валута.
Но, владата, поддржана од другите проевропски партии во парламентот, ја нагласува политичката важност од усвојувањето на еврото како уште еден чекор кон продлабочување на европската интеграција во услови на растечки геополитички тензии.